Собраниско раководство

Петок, 31 јануари 2020

СРЕДБА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ЏАФЕРИ СО ПРЕТСТАВНИЦИ НА ЛИДЕРИТЕ НА МЛАДИНСКИТЕ СОЈУЗИ ОД КРУШЕВО И СОЛУН

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, денеска оствари средба со лидерите на Младинскиот сојуз Крушево и Младинскиот сојуз УНЕСКО од Солун, Методија Стојчевски и Бабис Папајоану, организатори на младинскиот културен настан во рамките на Преспанскиот договор, заедно со европратениците-копретседавачи на Жан Моне Дијалогот, Андреас Шидер, Илхан Кјучук и Марион Валсман, како и амбасадорот Самуел Жбогар.

Претседателот Џафери ги поздрави присутните и им посака добредојде во Собранието, информирајќи ги европратениците дека претставниците на младинските организации се активни во Собранието преку Интерпарламентарната група за млади и донесувањето на Законот за младински политики, со што се става акцент на нивно поголемо учество во процесот на одлучување.

Папајоану и Стојчевски, како претставници на Младинските сојузи од Република Северна Македонија и Република Грција, укажаа на нивната долгогодишна соработка, која после потпишувањето и стапувањето на сила на т.н. Преспански договор е ставена во поинаква рамка, со главна цел поголема размена на идеи, знаења, искуства и соработка меѓу младите од двете земји, особено во однос на исполнувањето на обврските од имплементациониот план на Преспанскиот договор.

Во тој контекст, тие исто така ги информираа присутните за денешниот голем настан во Скопје меѓу 75 младински организации од Република Грција и 100 учесници од Република Северна Македонија, водени од примерот на француско-германската соработка која датира од пред повеќе од 50 години.

Европратениците ја пофалија ваквата иницијатива, бидејќи, како што нагласија, национализмот нема иднина и само обединети народите можат да направат исчекор во европската интеграција и за иднината на Европската Унија. ЕУ, освен како проект на мир и економски просперитет, е и проект за младите. Оттаму, многу е важно како младинските организации даваат пример и ги обединуваат младите за суштинските прашања и проблеми со кои денес се соочуваат цивилните општества.  

Click