Собраниско раководство

Сабота, 21 декември 2019 година

Средба на претседателот Џафери со претседателот на Големото национално собрание на Република Турција, Мустафа Шентоп 

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, денеска оствари средба со Мустафа Шентоп, претседател на Големото национално собрание на Република Турција, кој престојува во работна посета на Република Северна Македонија со група пратеници. На средбата присуствуваа потпретседателите на Собранието Горан Мисовски и Зеќир Рамчиловиќ, претседателот на Пратеничката група за соработка со Собранието на Република Турција Енес Ибрахим и членовите Алија Камберовски, Мухамед Зеќири, Никола Мицевски, Амди Бајрам, Јусуф Хасани и Теута Биљали.

Претседателот Џафери изрази задоволство и честитки што посетата се реализира на овој значаен ден за турската заедница во Република Северна Македонија, односно 21-ви Декември, Денот на наставата на турски јазик. Тој оцени дека, интензивната комуникација на високо ниво меѓу Република Северна Македонија и Република Турција е показател на пријателството меѓу двете земји и силно придонесува за унапредување на севкупните билатерални односи, а особено на економската соработка. 

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, изрази благодарност до Република Турција за континуираната поддршка за евроатланските интеграции на земјата, како и на Турското собрание за ратификацијата на Протоколот за пристапување на Република Северна Македонија во НАТО. Тој посочи дека е особено значајна соработка во одбраната, а наши војници во моментов се дел од турскиот контингент во мисијата на НАТО „Одлучна поддршка“ во Авганистан. Во контекст на интеграцијата во ЕУ, Џафери посочи дека остануваме посветени на реформската агенда и унапредувањето на добрососедските односи и очекуваме во март или мај 2020 година да биде определен датум за почеток на преговорите за членство на Република Северна Македонија во Унијата.

Претседателот Џафери изрази задоволство што договорната состојба меѓу Република Северна Македонија и Република Турција, со повеќе од 100 билатерални спогодби, ги опфаќа сите полиња на заеднички интерес. Тој изрази благодарност и за активностите на владината Агенција на Република Турција за соработка и координација – ТИКА во Република Северна Македонија.

Претседателот на Големото национално собрание на Република  Турција Мустафа Шентоп истакна дека, Република Турција е вечен пријател на Република Северна Македонија, а споделените историските и културни вредности уште повеќе ги зближуваат двете земји. Тој изрази поддршка на реформската агенда и нагласи дека Турција останува силен подржувач на евроатланското интегрирање на Република Северна Македонија и потврди дека турската заедница во Република Северна Македонија дава значаен придонес во градењето и развојот на успешниот мултиетнички соживот во земјава.

Претседателот Шентоп информираше за претстојните активности за одбележување на 100-годишнината на Големото национално собрание на Република Турција и лично го покани претседателот Џафери да биде дел од централната манифестација што ќе се одржи на 23 април 2020 година во Анкара.

Двајцата претседатели се осврнаа на плодната парламентарната соработка, со акцент на придонесот на Групите за пријателство и соработка што во континуитет се формираат и успешно функционираат во двата законодавни дома и се заложија за понатамошно унапредување, продлабочување и проширување на билатералната соработката во сите полиња од заемен интерес, особено во економијата. На крајот на средбата, соговорниците изразија надеж за понатамошно продлабочување на одличните односи и соработка меѓу двете собранија. 




Click