Соопштенија

Петок, 20 декември 2019 година

Јавна расправа по Предлог-законот за младинско учество и младински политики

Комисијата за образование, наука и спорт, на 41. седница на 23 декември 2019 година (понеделник), во 10:00 часот, во Сала „Борис Трајковски“, ќе одржи Јавна расправа по Предлогот на законот за младинско учество и младински политики.   

Покрај членовите и заменик-членовите на Комисијата, на Јавната расправа се поканети и претставници на државни органи и образовни установи, невладини и синдикални организации, како и експерти кои учествувале во подготовката на законот.

Исто така, поканети се и претставници на меѓународните претставништва во државата кои ги поддржуваат младинските политики во Република Северна Македонија, како: Делегацијата на ЕУ, УСАИД, УНИЦЕФ, ОЕЦД, Светска банка, ООН, Британскиот совет и Британската амбасада, УНДП, ОБСЕ, НДИ Швајцарската амбасада, како и претставниции од Проектот ОБРАЗОВАНИЕ за вработување -Хелветас и други меѓународни организации.

Основна цел на предложениот закон е зајакнувањето на младинското организирање и на формите на организирање на младите, со цел да се овозможи младите да го остварат својот максимум во личниот развој и во развојот на нивните вештини на долг рок. Реализацијата на ваквата цел ќе се остварува, меѓу другото, низ соработка и учество на младите во организирани форми на државата и општинското ниво.

Јавната расправа е во функција на прибирање практични искуства и предлози за квалитетно нормирање на оваа дејност, пред второто читање на Предлог-законот за младинско учество и младински политики.