Соопштенија

Петок, 6 декември 2019 година

Собраниска делегација на Трансатлантски парламентарен форум во Вашингтон

Во рамките на редовните заседанија на Парламентарното Собрание на НАТО, на годишниот 19.Трансатлантски парламентарен форум, што во заедничка организација на ПС на НАТО и Атлантскиот совет ќе се одржи од 9 до 11 декември 2019 година во Вашингтон, САД, ќе учествува Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија предводена од пратеникот Илија Димовски, шеф на Делегацијата и заменик-членот на Делегацијата, Африм Гаши. 

На Форумот се очекува да се обратат највисоките претставници на Атлантскиот совет, високи претставници на Стејт Департментот и Министерството за одбрана на САД, етаблирани меѓународни аналитичари  за безбедносни и одбрамбени политики и еминентни професори од американски и европски универзитети кои работат на безбедносни прашања. Предвиден е и посебен Конгресен панел, на кој покрај членовите на делегацијата на Конгресот во ПС на НАТО, се очекува учество на поголем број конгресмени. 

Темите на дебата ќе се фокусираат на: нуклерното оружје, контролата и НАТО; САД и глобалниот поредок; видувања од Конгресот за трансатлантските односи; САД, Иран и Голфскиот залив; САД и Далечниот Исток; Русија и Украина; Вашингтон пред претстојните американски претседателски избори 2020; актуелната Сириска криза и поширокиот Блиски Исток и пристапот на САД кон Авганистан. 

Форумот, кој претставува традиционална речиси дводецениска размена на видувања и отворена дебата според Chatham House Rules, ја отсликува синергијата и координацијата меѓу владината и парламентарната димензија на НАТО Алијансата и овозможува на парламентарните претставници на НАТО сојузниците изворно да се информираат за глобалната светска политика и безбедносните предизвици и за тоа како НАТО гради и имплементира консензуални и балансирани одбрамбени политики.








Click