Средби пратеници

Понеделник, 20 јануари 2020

Средба на потпретседателот Рамчиловиќ со босанскиот амбасадор Јаќимовиќ

Потпретседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Зеќир Рамчиловиќ, оствари средба со новоименуваниот амбасадор на Република Босна и Херцеговина, Н.Е. Драган Јаќимовиќ.

Двајцата соговорници изразија задоволство од соработката меѓу РС Македонија и Босна и Херцеговина.

Потпретседателот Рамчиловиќ ја истакна досегашната квалитетна соработка со Амбасадата на БиХ и му посака на новиот амбасадор успешен мандат и продолжување и унапредување на оваа соработка. Со заеднички залагања завршување на започнатите иницијативи за воспоставување на директната авиолинија Скопје - Сараево, но и отворање на културно-информативните центри и други активности со кои ќе продолжи и ќе се унапреди соработката на сите полиња.

Потпретседателот Рамчиловиќ ги потенцираше чекорите и реформските процеси кои ги направи РС Македонија и изрази очекување за конечното завршување на процесите на ратификација на протоколите за влез на нашата земја во НАТО, како и очекување дека конечно во мај ќе добиеме датум за почеток на преговорите со ЕУ.

Новоименуваниот амбасадор на БиХ, Н.Е. Драган Јаќимовиќ, се заблагодари за можноста за средба и пријателскиот прием на кој наиде во РС Македонија. Тој изрази уверување дека за време на неговиот мандат ќе настојува да даде уште поголем придонес во зајакнувањето на соработката меѓу нашите две земји, ставајќи посебен акцент на економската соработка и дека максимално ќе работи за конечно воведување на директна авионска линија помеѓу Скопје и Сараево, што сериозно ќе влијае врз интензивирањето и зголемувањето на севкупната економска соработка меѓу двете страни.

На крај, и двајцата соговорници се согласија дека ќе продолжат со интензивна комуникација и ќе дадат свој максимален придонес за унапредување на соработката помеѓу двете земји.