Собраниско раководство

Вторник, 21 декември 2021

Обраќање на претседателот Џафери по повод 21 Декември, Денот на наставата на турски јазик во Република Северна Македонија 

Почитуван Претседател на Големото национално собрание на Република Турција, г. Шентоп,
Почитувани членови на Делегацијата, 
Почитувана министерка за образование, г-ѓа Царовска,
Почитуван претседател на МАТУСИТЕБ, г. Емин,
Почитуван потпретседател на ТИКА, г. Чевик,
Почитувана Екселенција г. Секизќок,
Почитувани гости,
Дами и господа,

Имам чест и задоволство што во мое име и од име на пратениците во Собранието на Република Северна Македонија, имам можност сега веќе традиционално на овој убав празник, да го поздравам високопочитуваниот Претседател на Големото национално собрание на Република Турција, г. Мустафа Шентоп и почитуваните членови на Делегацијата, и да им посакам топло добредојде во Република Северна Македонија. Тоа што денес заедно го одбележуваме 21 Декември, Денот на наставата на турски јазик во Република Северна Македонија е знак дека билатералните односи меѓу нашите две земји се негуваат долго и искрено, во духот на меѓусебна почит, разбирање, партнерство и активна соработка во бројни полиња од заемен интерес. Затоа, дозволете да ја искористам оваа прилика и Вам драг колега, на сите присутни во салава, меѓутоа и на сите наши сограѓани, припадници на турската заедница, да ви го честитам овој празник со кој и институционално, и како граѓани на Република Северна Македонија, изразуваме почит кон културата, идентитетот и посебноста на турската заедница, која е неделив дел од општественото ткиво на Република Северна Македонија. Ова е празник кој се чествува со посебен акцент на образованието, творењето и негувањето на турскиот јазик кои се најдобра храна за душата и умот на еден народ, затоа што во земја во која живеат припадници на повеќе различни етнички заедници, суштинско е овозможувањето на творење, функционирање и употребување на мајчиниот јазик на секоја заедница, за да се воспостават односи на искрена почит, доверба и лојалност кон државата, меѓутоа и да се придонесе кон подобро запознавање на различностите кои не прават уникатни.

Почитувани присутни,

Несомнено дека турскиот јазик, култура и обичаи се толку одомаќени и се дел од сите култури, обичаи и јазици кои постојат и се активни во нашата земја, што не ги ни чувствуваме како далечни и непознати, туку само ја збогатуваат сликата уште повеќе. Без разлика колку е тоа парче од мозаикот големо или мало, нека е и најмалото, сепак е значајно колку и најголемото затоа што, доколку не би постоело, сликата не би била комплетна. А Република Северна Македонија е земја богата со мноштво од култури, јазици, религии и сите придружни елементи кои претставуваат идентитет и посебност на секоја заедница поодделно и се нејзин заштитен знак, а практикувањето на истите, уживањето на тие права и слободи во сета нивна убавина во заедништво, е најавтентичниот индикатор на степенот на демократска зрелост на општеството, на високо изградена граѓанска свест и што е најважно, доследно почитување на прифатените и ратификувани универзални права и слободи на човекот на глобално ниво.

Како претседател на законодавниот дом на Република Северна Македонија, сакам да потенцирам нешто што сум го кажал многупати досега, а тоа е дека сум безрезервно посветен на парламентарната дипломатија, на воспоставувањето на парламентарни односи и соработка таму каде што нема, кон заживување таму каде што се веќе воспоставени меѓутоа немаат некој значителен интензитет и кон продлабочување и издигнување на уште повисоко ниво таму каде што тие односи и соработка се на одлично ниво, како што се со огромна сигурност ќе кажам, помеѓу Собранието на Република Северна Македонија и Големото национално собрание на Република Турција. Соработката, покрај на билатерално ниво, се одвива и на мултилатерално ниво, во рамките на меѓународните парламентарни собранија каде што се членки двата законодавни дома и каде што Делегациите на Собранието на Република Северна Македонија редовно ги поддржуваат кандидатурите на турските пратеници за членови на извршните тела на тие собранија. Нашето партнерство, покрај во Процесот за соработка во Југоисточна Европа, сега е проширено и со нашето членство во НАТО и во ПАБСЕК каде заедно придонесуваме во градење на мир и благосостојба во светот.

Денешното заедничко одбележување со почитуваниот колега од Турција е уште една потврда за взаемната желба за интензивирање на соработката и взаемните посети на највисоко државно ниво, убедени дека тие ќе резултираат со позитивни и корисни олеснувања на одвивањето на политичката, економската и секоја друга соработка меѓу нашите две држави, при што, со задоволство ќе констатирам дека за пријателските и роднинските односи помеѓу обичните граѓани на двете земји, не треба ништо да се додаде, односно, врските се толку силни, историски, традиционални и топли, што можат да послужат за пример за сите држави во регионот.

Почитувани,

Република Северна Македонија е силно посветена на евроатланската интеграција на земјата во Европската унија, без оглед на бројните препреки што се испречуваат на тој пат. Исто така и на промоцијата и споделувањето на заедничките вредности и одговорности на НАТО, и ние високо ја вреднуваме успешната соработка со Република Турција во НАТО, сега веќе како две рамноправни членки. Како сојузници во Алијансата, поврзани сме со исти вредности по однос на мирот и стабилноста во регионот, преку добрососедски односи и регионална соработка. А можностите за взаемна поддршка и соработка се бескрајни, кога се работи за традиционално искрени и добри пријателства засновани на вистински вредности и чиј мост на поврзување се граѓаните од двете земји. Таквите релации можат да одат само во нагорна линија, секогаш посилни и се разбира, во полза на граѓаните. Под поимот пријател, мислам на пријател и во добро и во зло. Подадената рака на турскиот народ секогаш ги допира нашите срца. Тоа го прави и во ова тешко време на пандемија кога човештвото е исправено пред глобалниот здравствен и економски ризик. Благодарни сме за вашето присуство, соработка, поддршка и помош во секој сегмент од нашето опстојување како држава, изразувам почит и кон ТИКА и Фондацијата МААРИФ.

Бидете живи, здрави, и нека живее вечно пријателството со Република Турција!

Ви благодарам на вниманието!

Click