Петок, 24 април 2009 година, Стразбур
Проширувањето на Европската унија не смее да запре
Европски Балкан е тема на Европскиот парламент, базирана врз извештајот на шведската европратеничка Ана Ибрисагиќ, според која проширувањето на Европската унија не смее да се доведе во прашање. Ибрисагиќ смета дека иако е важно ратификувањето на Лисабонскиот договор, сепак приемот на земјите што ги исполниле критериумите не треба неоправдано да се одложува или одбива.
„Ние не смееме да останеме врзани само со Лисабонскиот договор, односно проширувањето на Европската унија не смее да се условува со неговото усвојување. Дали ќе има друг договор, како тој ќе се именува, кога ќе биде и како ќе изгледа е задача исправена пред Европската унија. Но, ние не смееме да го доведуваме во прашање проширувањето на ЕУ”, изјави Ибрисагиќ, која побара земјите-членки на Европската унија да ги разгледуваат доставените кандидатури.
Според предложената Резолуција, перспективите и предностите за членство во ЕУ претставуваат најголемата гаранција за стабилноста и тие се мотор на реформите во земјите од Балканот.
Прашањата кои се поврзани со билатерални спорови не смеат да го запираат отпочнувањето или текот на преговорите за членство на земјите од Западен Балкан во ЕУ, односно се бара од земјите кои имаат нерешени билатерални прашања да направат „значајни напори со цел да пронајдат прифатливи решенија за двете страни во билатералните конфликти”.
Во врска со визниот режим, во извештајот се нагласува важноста на неговото омекнување и укинување.