ЕУ вести



Среда, 22 април 2009 година, Стразбур

Пленарна седница на Европскиот парламент

Од 21 до 24 април во Стразбур се одржува Пленарна седница на Европскиот парламент, која започна со минута молчење во чест на жртвите на неодамнешниот катастрофален земјотрес во Италија.

Либерализацијата на пазарот на гас и електричната енергија во Европа и подобра заштита за потрошувачите, се само дел од темите на кои разговараат европратениците.

Една од основните компоненти на новото законодавство, е одделувањето на производството и доставувањето на електричната енергија и природниот гас од експлоатацијата на мрежата за пренос.

Потрошувачите ќе можат да го променат својот доставувач на гас или електрична енергија во рамките на три недели и без дополнителни такси.

Предложено е основање на независно тело, кое би се занимавало со жалбите на потрошувачите и кое би било овластено за посредување при вонсудските спогодби.

Со 646 гласа „за“, 22 „против“ и 9 „воздржани“ европратениците изгласаа намалување на Цените на мобилната телефонија во роаминг.

Од 1 јули 2009 година, максималните цени без ДДВ ќе бидат 0,43 евра од минута за појдовни повици и 0,19 евра по минута за дојдовни повици. Максималната цена на СМС во роаминг ќе биде 0,11 евра без ДДВ.

Европратениците ќе расправаат и за низа предлог закони од областа на транспортот. Одборот за транспорт ќе претстави Акционен план за урбано движење, кој ги опфаќа проблемите во застојот на сообраќајот и нечистотата во урбаните подрачја.

Пакет законот за патниот сообраќај предвидува намалување на бројот на полупразните товарни возила на патиштата, продолжување на максималното траење на работното време на возачите на камиони и автобуси, но и строг надзор над превозниците.

Европскиот парламент ќе го гласа и годишниот буџет на Европскиот совет, но ќе утврди и како парите од платениот данок биле трошени во 2007 година. Целта е да се провери правилното управување со буџетот.

Click