Среда, 01.04.2009 година, Брисел
Седница на Европскиот парламeнт
Мерките за намалување на дискриминацијата и образованието на децата имигранти, како и опасноста од користењето на мобилните телефони, радиото, телевизијата и слично, се само дел од темите на европратениците на пленарната сесија на Европскиот парламент, што се одржува денес и утре во Брисел.
Европратениците ќе гласаат за планот за намалување на дискриминацијата, меѓутоа надвор од полето на вработувањето (кое веќе е покриено), врз основа на вера, неработоспособност, години и сексуална ориентација, потенцирајќи дека дискриминацијата може да се појави не само на пазарот на трудот, туку и при транспорт, здравствено осигурување и банкарски услуги.
На оваа сесија на Европскиот парламент ќе стане збор и за обновување на односите на релација ЕУ - Русија, а клучните барања ќе бидат во поглед на поголеми човекови права, гарантирани од страна на Москва.
Според европратениците, обновувањето на договорот за партнерство и соработка меѓу ЕУ и Русија треба да биде искористено во полза на подобрување на човековите права од една и осигурување на безбедноста на резервите на гас, од друга страна.
Утре ќе се гласа и за предлогот сите земји членки и региони во Европската унија да можат да користат средства од Европскиот фонд за регионален развој за финансирање на мерки со цел за зголемување на енергетската ефективност.
На претстојната сесија на Европскиот парламент во Брисел, исто така, ќе се гласа и за Резолуцијатa „Европската совест и тоталитаризмот”.