Понеделник, 8 април 2013 година
Меѓународен ден на Ромите
Денешниот ден, 8 април, е Меѓународен ден на Ромите, ден кога се слави ромската култура и кога треба да се подигне свеста за прашањата со кои се соочуваат Ромите.
На овој ден, во 1971 година е одржан Првиот светски конгрес на Ромите во Лондон, кога е усвоено ромското знаме, а песната „Џелем, џелем“ е прогласена за ромска химна.
По повод Меѓународниот ден на Ромите, Европската комисија ја истакна потребата за понатамошни напори од страна на земјите-членки со цел да се подобри ситуацијата на ромските заедници во Европа.
Неопходен е зголемен ангажман на локално, регионално, национално и европско ниво, за да се зголеми борбата против дискриминацијата и ромскиот народ да има подобар пристап до вработување, образование, домување и здравство.
Низ светот денес живеат над 12 милиони Роми, а според последниот попис од 2002 година, во Македонија има 53.879 Роми. Македонската општина Шуто Оризари е единствен пример во Европа каде што живеат мнозинство Роми.