Четврток, 29 април 2010 година
Европската унија промовира поширока употреба на електронското фактурирање
Целта на Извештајот подготвен од експерти на Европската комисија е да се промовира поширока употреба на електронското фактурирање во Европа. Извештајот беше презентиран на Конференцијата за електронско фактурирање во Европа, што се одржа на 27 и 28 април во Мадрид, во рамките на Шпанското претседателство со Европската унија.
Електронското фактурирање има значителни предности за јавните и приватните организации. Според експертите, електронското фактурирање е од значителна корист за економијата на Унијата, за подобрување на конкурентноста и на приливот на паричните средства, за намалување на трошоците кај трговските партнери и за поттикнување на развојот на Единствениот пазар.
Во Извештајот се препорачува:
- Земјите-членки да се фокусираат на специфичните потреби на малите и средни претпријатија, да се понудат едноставни решенија за користење на е-фактурите и за управување со трошоците;
- Хармонизација на регулаторната рамка која се применува за е-фактурирање во ЕУ, врз основа на подеднаков третман на електронското и печатеното фактурирање;
- Воведување на заеднички стандарди за формата и содржината на фактурите;
- Користење на е-фактурирање кое дозволува максимална интероперабилност и
- Дефинирање на ефикасен план за комуникација кој соодветно ќе ја изрази вредноста на придобивките од неговото усвојување.
Во изминатите неколку години, Комисијата даваше континуирана поддршка за воведување на решенијата за е-фактурирање, беше формирана независна експертска група од соодветната област која на крајот на 2009 година предложи Европска рамка за е-фактурирање.
Создавањето на Единствен простор на европлаќања (SEPA) и Директивата за ДДВ (2006/112/EC) со предложените амандмани за електронско фактурирање за кои моментално се дебатира на Советот, се други активности кои имаат влијание на примената на електронското фактурирање.