Вторник, 10 декември 2013 година
Конференција против сексуална злоупотреба на деца
Советот на Европа, во соработка со Владата на Шпанија, денеска и утре одржува Конференција во Мадрид, на тема: „Спречување на сексуална злоупотреба на децата“.
На Конференцијата ќе се дискутира за начините за подобрување на превенцијата од сексуална злоупотреба и експлоатација на децата, преку преземање на одредбите на „Конвенцијата Ланцароте“, која ја имаат ратификувано 29 земји.
На настанот учествуваат околу 180 претставници од педесет земји, како и експерти од областа на правдата, образованието, детската заштита, социјални и семејни политики и здравство.
Целта е да споделат добрите практики во областите како: помош за родителите и воспитувачите за заштита на децата, критериуми за помагање на работодавачите да донесуваат одлуки за вработување, програми за млади сексуални престапници и потенцијални прекршувачи, спречување на сексуална злоупотреба на деца со посебни потреби, како и сексуална експлоатација во патувањата и туризмот.
Статистиката вели дека глобално околу 19,7 % жени и 7,9 % мажи биле сексуално злоупотребени кога биле деца, а повеќето сексуални злосторници се познаваат со своите жртви. Според истражувањата, географски највисока стапка на сексуална злоупотреба на деца има во Африка - 34,4 %, додека во Европа е најниска - 9.2 %.
Сексуалната злоупотреба врз дете вклучува различни видови на сексуални прекршоци, вклучувајќи: сексуален напад, сексуално малтретирање, сексуална експлоатација и сексуално зближување. Сексуалното злоупотребување на дете може да резултира со краткотрајни, но и долготрајни повреди, вклучувајќи психопатологија во понатамошниот живот.