Четврток, 10 декември 2009 година, Брисел

Дводневен самит на ЕУ

На дводневната средба во Брисел, шефовите на држави или влади на земјите-членки на Европската унија, денес и утре ќе ги разгледаат прашањата за климатските промени и економското заздравување. 

На самитот ќе стане збор за текот на преговорите на Конференцијата на ОН за климатски промени што ќе се одржи во Копенхаген, како и за економската и финансиската состојба и за проблемот со невработеноста во Европската унија, при што ќе бидат разгледани посебните стратегии и мерките за надзор на финансиските пазари.

Од страна на Европскиот совет, се очекува да биде усвоена и  повеќегодишната програма во областа на слободата, безбедноста и правдата, како и т.н. „Стокхолмска програма за правна соработка”.

Ова е последен самит за време на шведското претседавање со ЕУ, раководен од шведскиот премиер Фредрик Рејнфелд, а од 1 јануари 2010 година со претседавањето со Советот ќе стапи неодамна избраниот претседател на Унијата,  Херман ван Ромпеј.



Понеделник, 7 декември 2009 година

Советот на ЕУ одлучува за добивање датум за преговори за членство на Македонија во Унијата

Советот на Европската унија на дводневен самит во Брисел, денеска и утре треба да одлучи дали Република Македонија ќе добие датум за почеток на преговори за членство во ЕУ, што беше препорачано од Европската комисија и Европскиот парламент

Петок, 4 декември 2009 година, Киев

Самит ЕУ - Украина

Економската и финансиската криза, трговските реформи и прашањата за гасот, се само некои од темите кои ќе бидат разгледани од страна на лидерите на Европската унија и Украина на денешниот самит во Киев.

Шведскиот премиер и претседавач со ЕУ, г. Фредерик Рејнфелд, кој ќе го води самитот, се надева на добра дискусија за тоа како соработката може да се развива во иднина.

„Важно е дека видовме дека Украина направи силни ангажмани и наскоро ќе преземе поголема одговорност во справувањето со економската криза. Освен тоа, се надевам дека можеме да имаме добра расправа за тоа како можеме да ја развиеме нашата соработка и понатаму, без оглед дали се работи за трговија помеѓу ЕУ и Украина  или кога е во прашање спроведување на потребните реформи во земјата“, изјави премиерот на Шведска.

Украина е една од земјите вклучени во „Источното партнерство“, кое подразбира поблиска соработка помеѓу ЕУ и шесте земји, што воедно е и приоритетно прашање на Шведското претседателство.  


Среда, 2 декември 2009 година

Прослава на Лисабонскиот договор

На свечена церемонија во Лисабон, каде на 13 декември 2007 година, шефовите на државите и влади на 27-те земји-членки на Европската унија го потпишаа европскиот реформски договор, вчера беше одбележано неговото стапување на сила.



Вторник, 1 декември 2009 година

Лисабонскиот договор стапува на сила

Со стапување на сила на Лисабонскиот договор, ЕУ доби две нови функции – висок претставник за надворешна политика и претседател на Советот на ЕУ. За прв претседател на Советот на ЕУ е избран белгискиот премиер Херман ван Ромпуј, кој ќе стапи на должност на 1 јануари, додека на функцијата висок претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност беше избрана Британката Кетрин Ештон

Click