Собрание на Република Македонија
Буџетски совет на Собранието на Република Македонија



Д Е Л О В Н И К
НА БУЏЕТСКИОТ СОВЕТ
НА СОБРАНИЕТО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА




ноември, 2008 година


               

 Врз основа на член 2 став 1 алинеја 5 од Одлуката за основање на Буџетски совет на Собранието на Република Македонија ("Службен весник на Република Македонија" бр.77/2008), Буџетскиот совет на седницата одржана на 25 ноември 2008 година донесе


Д Е Л О В Н И К
на Буџетскиот совет на Собранието на Република Македонија


1.Општи одредби

Член 1

 Со овој Деловник се уредуваат начинот на работа на Буџетскиот совет на Собранието на Република Македонија (во натамошниот текст: Совет), правата и должностите на претседателот на Советот, заменикот на претседателот и членовите на Советот, програмирањето на работата на Советот, вршењето на стручно-административните работи за потребите на Советот, јавноста во работата на Советот и другите работи кои се од значење за работата на Советот.

 2. Начин на работа и свикување на седници на Советот

Член 2


  Советот работи  на седници.
             Советот има претседател, заменик претседател и девет членови.
  Седницата на Советот ја свикува претседателот на Советот.
             Претседателот е должен да свика седница и ако тоа го предложат најмалку една третина членови на Советот.

Член 3


 Со седницата на Советот претседава претседателот на Советот.
 Во случај на спреченост на претседателот на Советот, седниците на Советот ги свикува и со нив претседава заменик претседателот на Советот.
 

Член 4


 Поканата за свикување на седница со предлогот на дневниот ред и материјалите по прашањата што ќе се разгледуваат на седница, како и записникот од претходната седница им се доставуваат на членовите на Советот по правило пет дена пред денот определен за одржување на седницата.
 Во итни случаи Советот може да одржи седница во пократок рок, а дневниот ред може да се достави на самата седница.
 

Член 5


 Претседателот на Советот ја доставува поканата до членовите на Советот, генералниот секретар и раководителот на Секторот за финансиски и економски прашања на Собранието на Република Македонија, а доколку е потребно присуство на претставници од Министерството за финансии, поканата им се доставува и нив.
 На седниците на Советот, без право на одлучување, присуствуваат генералниот секретар на Собранието на Република Македонија и раководителот на Секторот за финансиски и економски прашања на Службата на Собранието на Република Македонија или лице од Секторот кое тој ќе го определи.

Член 6


 Советот на почетокот на седницата го утврдува дневниот ред.
 Во дневниот ред можат да се внесат и прашања што ги предложил претседателот на Собранието и членови на Советот. 
  
Член 7


 По утврдувањето на дневниот ред се преминува на разгледување на прашањата по утврдениот дневен ред.
          Во расправата, покрај членовите на Советот може да учествуваат и претставници по прашањата од дневниот ред за кои се поканети на седницата.
          Претресот по секое прашање од дневниот ред го заклучува претседавачот, откако ќе утврди дека веќе нема пријавени за збор по тоа прашање.

Член 8


 Претресот по точката од дневниот ред може да заврши со прост премин на друга точка  од дневниот ред или со заземање став одделно за секоја точка  што ја разгледувал Советот.
         

Член 9


 Советот зазема ставови со мнозинство гласови од присутните членови, а најмалку со една третина од вкупниот број на членови на Советот.
 Член на Советот кој не се согласува со утврдениот став, може да го издвои своето мислење и истото се внесува во записникот.


Член 10


 За работата на седницата на Советот се води записник.
Записникот го содржи ставот на Советот и сите искажани и издвоени мислења и предлози по прашањато што било разгледувано на седницата на Советот.
            Записникот се усвојува пред утврдување на дневниот ред на наредната седница.
            Членовите на Советот имаат право да дадат забелешки на записникот, за што се одлучува без расправа и истите се внесуваат во записникот.
 Записникот усвоен на седница го потпишуваат претседателот и секретарот на Советот.

Член 11

 Заради проучување на одделни прашања од својот делокруг, како и за давање предлози, упатства и насоки, Советот може да основа работни групи.
 Работната група дејствува во рамките на Советот  и  не може  да истапува самостојно.
 Во работната група покрај членови од Советот учествуваат и лица од Службата на Собранието кои ги определува генералниот секретар.
 Работната група до Советот доставува заклучок за својата работа.

Член 12


 Советот заедно со Министерството за финансии учествува во фазата на утврдување на фискалната рамка на максимални износи на одобрени средства за Собранието на Република Македонија
За одделни прашања во текот на постапката на изготвување на предлог буџетско барање за наредната година на Собранието на Република Македонија, Советот врши постојани консултации и усогласувања со Секторот за финансиски и економски прашања на Службата на Собранието.

 3. Права и должности на претседателот и членовите на Советот   

Член 13


 Претседателот на Советот ја организира работата на Советот.
 Претседателот на Советот може да покренува иницијатива за разгледување на одделни прашања од надлежност на Советот, свикува седници на Советот, предлага дневен ред, претседава со седниците на Советот и врши други работи утврдени со овој деловник.

Член 14


 Заменикот на претседателот во случај на спреченост или отсутност на претседателот ги свикува седниците на Советот и претседава со нив.

Член 15


  Членот на Советот има право и должност да присуствува на седниците на Советот, да учествува во нивната  работа и во одлучувањето.
Членот на Советот може да покренува прашања од делокругот на Советот и да покренува иницијатива за унапредување на работата на Советот.
Членот на Советот има право да биде редовно и навремено известуван за активностите на Советот.
 

Член 16


  За присуството на членовите на Советот се води евиденција.
 Членот на Советот, кој е спречен да присуствува на седницата е должен навремено да го извести претседателот на Советот.
 Советот може да предложи Собранието да разреши негов член, кој три пати  едноподруго неоправдано отсуствувал од седниците на Советот.


 4. Програмирање на работата на Советот

Член 17


 Советот за својата работа донесува Годишна програма за работа.
 Предлог програмата ја подготвува работна група што ја сочинуваат членови од Советот, генералниот секретар и лица од Службата на Собранието кои тој ќе ги определи.
 


 5. Вршење на стручно административните работи за потребите на Советот


Член 18


 Стручно административните работи за потребите на Советот ги врши Службата на Собранието на Република Македонија.
 Службата на Собранието на Република Македонија дава стручна помош на претседателот, на заменик претседателот и на членовите на Советот во подготвките на седниците на Советот, во текот на расправата, и подготвува материјали потребни за работењето на Советот.
 Службата на Собранието на Република Македонија постапува по заклучоците усвоени на седниците на Советот.

 6.Јавност во работата на Советот

Член 19


            Седниците на Советот се јавни.
 Советот може да одлучи да работи без присуство на јавноста ако тоа го предложи претседателот на Советот или најмалку една третина од членовите на Советот.

 7. Завршна одредба

Член 20


Овој Деловник влегува во сила со денот на донесувањето.


БУЏЕТСКИ СОВЕТ НА СОБРАНИЕТО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА



     Број  07-2482/10-6                                                                    ПРЕТСЕДАТЕЛ:
25 ноември 2008 година                                                         Светлана Јакимовска
   Скопје



                                                      

Click