Е-весник |15 ноември 2021
|

Понеделник, 15 ноември 2021
ОФИЦИЈАЛЕН ПРЕЧЕК НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ЏАФЕРИ ВО АБУ ДАБИ
Во рамките на првата официјална посета на Обединетите Арапски Емирати на претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери и Делегацијата во состав: Хусни Исмаили, претседател на Пратеничката група на Собранието за соработка со парламентите на земјите од Блискиот Исток и Арапскиот Залив, Дарко Каевски и Бедри Фазли, членови, беше организиран официјален пречек од страна на г. Сакр Ал-Гобаш, спикер на Федералниот национален совет на Обединетите Арапски Емирати.
Господин Сакр Ал-Гобаш срдечно го поздрави претседателот Џафери и Делегацијата, истакнувајќи ја оваа прва историска средба како почеток на поблиски и подинамични билатерални односи. Тие се согласија дека градењето мостови меѓу граѓаните на двете држави треба да претставува императив за сите политички чинители, како надградба на стабилните политички врски и пријателските односи, сега и во иднина.
Двајцата претседатели изразија заемни уверувања за поинтензивна соработка на ниво на сите државни институции меѓу Република Северна Македонија и Обединетите Арапски Емирати, во сите домени, а особено ја потенцираа важноста од зголемена економска и трговска соработка.
Видео
Понеделник, 15 ноември 2021
Собраниска делегација на Рос-Рот семинар на ПС на НАТО
Од 15 до 17 ноември 2021 година во Белград, Република Србија ќе се одржи 101. Рос-Рот семинар на Парламентарното собрание на Северноатлантската договорна организација (ПС на НАТО) на кој ќе учествуваат пратениците: г-ѓа Арта Билали-Зендели, шеф на Делегацијата и г. Илија Николовски, член на Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија во Парламентарното собрание на Северноатлантската договорна организација (ПС на НАТО).
Прочитај повеќе