Понеделник, 31 јануари 2011 година
Консултации за модернизација на Европскиот пазар на јавни набавки
Европската комисија на 27 јануари оваа година во Брисел одржа јавна консултација и отворена дебата со заинтересирани субјекти, посветена на модернизација на правилата, алатките и методите на јавните набавки.
Јавните набавки претставуваат околу 17% од БДП на Европската унија. Искористувањето на овој процент на најдобар можен начин е од суштинско значење за европската економија. Од страна на заинтересираните субјекти е побарано да се изврши ревизија на системот за јавни набавки во ЕУ, рационализирање на процедурите и подобро прилагодување кон новите предизвици.
Европската политика за јавни набавки треба да обезбеди поефикасно користење на јавните средства со цел да се обезбеди поддршка на растот и создавање на работни места.
Компаниите, особено средните и малите претпријатија, имаат потреба за подобар и полесен пристап до јавните договори во ЕУ за да можат целосно да ги користат придобивките од Европскиот пазар на јавни набавки. Набавувачите имаат потреба од едноставни и флексибилни процедури заради ефикасен придонес во постигнувањето на заeдничките цели од Европската стратегија 2020, односно поттикнување на иновации, заштита на животната среддина, борбата против климатските промени и социјалното исклучување. Електронските јавни набавки придонесуваат за поефикасни постапки, подобар пристап на компаниите и обезбедуваат поголем избор за набавувачите.
Правилата за јавни набавки на ЕУ предвидуваат постапки за доделување на договори со обезбедување на транспарентен, подеднаков пристап и праведна конкуренција во рамките на Европскот пазар на јавни набавки. Актуелната законска рамка за јавни набавки на ЕУ се директивите 2004/17/ЕЗ и 2004/18/ЕЗ кои имаат за цел пред се да обезбедат дека економските оператори ги уживаат основните слободи: слободно движење на стоки, капитал, услуги и луѓе.
Во Зелената книга (Green Paper) се идентификувани можните клучни области за реформа и мислењата за можностите за промени на законодавството. Дополнително, Европската комисија во моментов превзема сеопфатна ex post проценка со цел да изврши преглед на ефикасноста и економичноста на постојните европски правила за јавни набавки.
За резултатите од проценката на ЕК како и за консултациите во рамките на Зелената книга, се очекува да се дискутира на конференција за реформата во областа на јавните набавки, планирана да се одржи во јуни оваа година во Брисел.