Петок, 29 јануари 2010 година

Средба на претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, со вонредниот и ополномоштен амбасадор на Република Индија, Н.Е. Дивиаб Манчанда

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, го прими новоименуваниот и ополномоштен амбасадор на Република Индија за Република Македонија, Н.Е. Дивиаб Манчанда. На средбата претседателот Вељаноски ја нагласи потребата од зајакнување на соработката со една важна и пријателска земја како што е Република Индија и ја изрази својата подготвеност како претседател на Собранието да помогне во интензивирање на сите форми на парламентарна соработка.
„Со Република Индија имаме и уште нешто заедничко, а тоа е Мајка Тереза, која се родила во Скопје а живеела и работела во Индија и денес е годишнина од отворањето на куќата на Мајка Тереза во Скопје“, истакна претседателот Вељаноски



Петок, 29 јануари 2010 година

Средба на претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, со вонредниот и ополномоштен амбасадор на Народна Демократска Република Алжир, Н.Е. Хабиб Шауки Хамруи

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, го прими новоименуваниот и ополномоштен амбасадор на Народна Демократска Република Алжир за Република Македонија, Н.Е. Хабиб Шауки Хамруи. На средбата претседателот Вељаноски ја потенцираше важноста од интензивирање на парламентарната соработка, како и севкупните политички односи меѓу двете земји, изрази надеж дека со отворање на амбасади и во Република Алжир и во Република Македонија ќе се отворат повеќе можности за соработка, како на политички, така и на економски план, и ја искажа својата подготвеност во наредниот период да оствари средба со претседателот на Алжирскиот парламент.



Понеделник, 25 јануари 2010 година

Изјава за медиуми по средбата на претседателот на Собранието г.Трајко Вељаноски со амбасадорот на Република Полска г. Карол Бахура и претседателот на еврејската заедница во Република Македонија г-ѓа Бјанка Суботиќ

Денешната средба со Неговата Екселенција амбасадорот на Република Полска и наш пријатетел, господин Карол Бахура и со претседателот на Еврејската заедница во Република Македонија, госпоѓа Бјанка Суботиќ, беше по повод претстојното одбележување на 65-годишнината од ослободувањето на нацистичкиот логор Аушвиц, со што на своевиден начин се одбележува и крајот на холокаустот. По тој повод, во Краков на 26 и 27 овој месец, ќе се одржи меѓународна конференција посветена на холокаустот, но и конференција на промоција на толеранцијата и дијалогот, како вредности со кои се гради мирот.

Конференцијата е во организација на Европските пријатели на Израел, а учесници ќе бидат повеќе претседатели на европските парламенти и парламентарци, потоа највисоки претставници на Израел и други. Сакам да истакнам дека со големо задоволство ја примив поканата како претседател на Собранието на Република Македонија да учествувам на овој, за мене, многу значаен собир, бидејќи негова основна цел е да не дозволиме да се создадат услови повторно да се повтори холокаустот и уште еднаш да се афирмираат толеранцијата, дијалогот, почитувањето на човековите права, како вредности врз кои треба да ја градиме иднината на светот.

Моето учество го сметам и како признавање за Република Македонија, во која сите заедно градиме општество во кое почитувањето на човековите права, толеранцијата кон другиот, различниот, се вредности кои не само во законска рамка, туку секојдневно се потврдуваат и надградуваат. Во исто време, ова е повод уште еднаш со пиетет да се потсетиме на околу 7200 наши сограѓани Евреи кои во 1943 година беа депортирани од Македонија и трагично беа ликвидирани во логорот на смртта Треблинка.



Петок, 22 јануари 2010 година

Претседателот на Собранието г. Трајко Вељаноски ги прими лорд Џорџ Фолкс од Домот на Лордовите во Британскиот парламент и г. Марк Версалион од Конзервативна партија

Претседателот на Собранието, г. Трајко Вељаноски, денеска, во рамките на активностите за реализација на заедничкиот проект на Собранието на Република  Македонија и Вестминстерската фондација за демократија, оствари срдечна средба со лорд Џорџ Фолкс од Лабуристичката партија во Домот на лордовите во Британскиот парламент и со г. Марк Версалион, претседавач на Форумот за надворешни работи на Конзервативната партија. На средбата се разменија мислења за текот на реализацијата на заедничкиот проект меѓу Собранието и Вестминстерската фондација за демократија за зајакнување на вкупните парламентарни капацитети на Собранието на Република Македонија и насоките за реализација на заедничките активности за наредниот едногодишен период. Од двете страни беше изразено задоволството од досегашниот тек на реализација на проектот.



Петок, 22 јануари 2010 година

Средба на претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељаноски со министерот за европски и меѓународни работи на Република Австрија Михаел Шпинделегер

Претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељаноски оствари средба со сојузниот министер за европски и меѓународни работи на Република Австрија Михаел Шпинделегер. На средбата претседателот Вељаноски изрази задоволство од посетата на австрискиот министер, ја нагласи поддршката од Република Австрија за нашите евроатлантски интеграции и ја потенцираше подготвеноста на Република Македонија да продолжи со реформите кои се на агендата на ЕУ, како и продолжување на преговорите со Република Грција околу изнаоѓање на решение кое ќе биде прифатено и од двете страни

Click