Четврток, 11 јули 2013 година
Светски ден на населението
Денеска, 11 јули, се одбележува Светскиот ден на населението, годинава посветен на адолесцентната бременост и нејзините последици. Целта е да се подигне свеста за прашањето на бременост кај адолесцентите, со надеж секоја бременост да биде посакана, секое раѓање безбедно, а потенцијалот на секој млад човек да биде исполнет.
Статистиката на Фондот за населението на Обединетите нации покажува дека секоја година се породуваат околу 16 милиони девојчиња под 18 години, а 3,2 милиони се подложни на небезбедни абортуси. Дури 90% од бремените адолесценти од земјите во развој се во брак.
Но, за многу од овие девојки, бременоста е последица на дискриминација, кршење на правата, вклучувајќи ги детските бракови, несоодветното образование или сексуална принуда.
„Кога ќе посветиме внимание и средства за образованието, здравјето и благосостојбата на адолесцентките, тие ќе станат уште поголема сила за позитивни промени во општеството, која ќе има влијание на идните генерации. На овој Светски ден на населението, да ветиме поддршка за адолесцентките да го остварат својот потенцијал и да придонесат за нашата заедничка иднина“ – гласи пораката на генералниот секретар на Обединетите нации, г. Бан Ки-мун, по повод Светскиот ден на населението.
Инаку, денес во светот живеат над 7 милијарди жители, најмногу во Азија - повеќе од 4 милијарди луѓе, што е 60% од светското население. Следува Африка со околу една милијарда жители, односно 15%, па Европа со 733 милиони жители или 11% од вкупното население. Јужна Америка и Карибите имаат 600 милиони (9%), Северна Америка 352 милиони (5%) и Океанија - 35 милиони жители (0,5%).