Понеделник, 11 јули 2011 година
Ден на светското население
Денеска, на 11 јули Обединетите нации го одбележуваат Денот на светското население, кое, според прогнозите, до крајот на октомври ќе брои 7 милијарди жители.
„Овогодишниот Светски ден на населението се паѓа во пресвртна година, кога го предвидуваме раѓањето на седуммилијардитиот жител на Земјата. Ова е можност да ја прославиме нашата заедничка човечност и нашата различност. Тоа е и потсетник за нашата одговорност да се грижиме едни за други и за нашата планета“, изјави генералниот секретар на ОН, г. Бан Ки Мун.
По повод денешниот ден, е покрената кампањата под наслов „Седум милијарди акции“, посветена на правење добри дела, со цел да се создаде подобра иднина за идните генерации.
„Имаме доволно храна за сите, а сепак речиси една милијарда од светската полулација е гладна. Имаме средства да искорениме многу болести, а сепак тие продолжуваат да се шират. Имаме богата природна средина, а сепак таа секојдневно е подложена на напади и експлоатација. Сите совесни луѓе сонуваат за мир, а сепак преголем дел од светот е во конфликт“, додаде г. Бан Ки Мун.
Во Азија живеат повеќе од 4 милијарди жители (над 60% од светското население), Африка брои речиси 1 милијарда луѓе (15%), Европа има 738 милиони жители (11%), во Латинска Америка и Карипскиот регион живеат 589 милиони жители (9%), во Северна Америка - 352 милиони (5%), а во Океанија - 36 милиони луѓе (0,5%).
Што се однесува по земји, Кина е најбројна, со 1,345,070,000 жители, па следува Индија со 1,210,193,422, а трети се САД со 311,732,000 жители.
Најновите прогнози велат дека до 2050 година бројот на светското население ќе изнесува 9,3 милијарди, а до 2100 година - 10,1 милијарда.