Четврток, 4 јуни 2009 годинаЕвропејците гласаат за седмиот мандат на Европскиот парламент
Дваесет и седум земји, 375 милиони Европејци со право на глас, од денес па до крајот на викендот ќе го изберат седмиот парламентарен мандат. Европскиот парламент, кој е единствената европска институција избрана директно од народот, со нов состав од вкупно 736 пратеници ќе заседава наредните пет години во Брисел и Стразбур. Денеска први на Стариот континент ќе гласаат жителите на Холандија и Велика Британија. Утре ќе се гласа во Ирска и во Чешка, која ќе гласа и во сабота. На првиот ден од викендот ќе има гласање уште во Кипар, Словачка, Летонија, Малта, како и во Италија, која ќе гласа и во недела. На 7 јуни гласањето ќе го затворат преостанатите земји-членки на Европската унија: Австрија, Белгија, Бугарија, Данска, Естонија, Финска, Франција, Германија, Грција, Унгарија, Литванија, Луксембург, Полска, Португалија, Романија, Словенија, Шпанија и Шведска.
Германија, како земја најбројна по жители, има и најголем број пратеници - 99, додека од Малта има најмалку пратеници, само пет.
Во сите земји право на глас имаат граѓаните со наполнети 18 години, освен во Австрија, каде минималната возраст на гласачите е 16 години.
Четиридневниот изборен процес ќе се спроведе со тајно гласање, а првичните резултати ќе бидат објавени откако ќе заврши гласањето во сите земји.
Европарламентот на овие избори тргна со мото „Вие решавате какви ќе бидат утрешните вести!“ и ги повика сите Европејци да решат кој ќе одлучува во нивно име за многу важни прашања, почнувајќи од потребите на потрошувачите па сè до екологијата.