ЕУ вести



Понеделник, 8 јуни 2009 година

Европската народна партија и Европските демократи со најмногу гласови на евроизборите

Европејците кои гласаа на европските избори од 4 до 7 јуни, најмногу гласови им дадоа на Европската народна партија (Демохристијани) и Европските демократи. Според последните изборни информации, со 36% од гласовите, оваа парламентарна група ќе добие 265 од вкупно 736 места во Европарламентот. Втора по бројот на гласови, односно со 22%, е Партијата на европските социјалисти, која ќе брои 162 пратеници. 10,9% од гласовите доби Партијата на европските либерали и демократи, доволно за 80 парламентарни места.

Четвртото место и припаѓа на Партијата на Зелените/Европска слободна алијанса, која со 6,9% освоени гласови добива 51 пратеник. 35 пратеници ќе има Унијата за Европа на народите, која освои 4,8% од гласовите, додека двајца пратеници помалку во новиот состав добива Партијата на Обединета европската левица/Нордиска зелена левица, со освоени 4,5% од гласовите.

Партијата Независност/Демократија освоила 2,6% од гласовите, што значи 19 мандати, додека оние кои се водат како „Други“, со 12,4% гласови, имаат 91 пратеничко место.

Она што загрижува за овие избори е најслабата излезност која е забележана од самиот почеток во 1979 година па досега, односно само 42,94%.

На 4-ти јуни се гласаше во Холандија и Велика Британија, а ден подоцна во Ирска и Чешка. Чесите гласаа и во саботата, кога своето право на глас го искористија и граѓаните на Кипар, Словачка, Летонија, Малта, како и Италија, каде се гласаше и во неделата. На 7 јуни гласањето го затворија Австрија, Белгија, Бугарија, Данска, Естонија, Финска, Франција, Германија, Грција, Унгарија, Литванија, Луксембург, Полска, Португалија, Романија, Словенија, Шпанија и Шведска.

Бројот на пратениците од секоја држава е во согласност со бројот на жителите. Така, најбројната Германија има и најмногу претставници - 99, додека Малта има најмалку, само 5.

27 земји-членки на Европската унија го избраа седмиот парламентарен мандат на Европскиот парламент. Новиот состав од 736 парламентарци ќе заседава во Стразбур и Брисел до 2014 година. Конститутивната седница на Европскиот парламент е закажана за 14 јули.

Click