Четврток, 25 јуни 2009 година
„Меѓународната заедница има морална обврска да не ги затвора очите пред случувањата во Иран“
По средбата со иранската добитничка на Нобеловата награда за мир, Ширин Евади, претседателот на Европскиот парламент, г-дин Ханс-Герт Петеринг, изрази подготвеност да предводи делегација на ЕП во Иран.
„Подготвен сум да предводам делегација на Европскиот парламент во Иран, којашто ќе биде составена од претставници на различни политички групи на Парламентот. Целта на таа делегација ќе биде да се сретне со иранските власти, како и со членовите на мирните опозициски партии. Ние сме подготвени да ја понудиме нашата поддршка и посредништво за постигнување на мирно решение. Состојбата во Иран се влошува од ден на ден. Странски новинари и дипломати се истерани од земјата. Активисти и претставници на медиумите се уапсени во последните неколку денови. Комуникацијата е контролирана, а демонстрантите жестоко нападнати. Треба да се стави крај на тоа. Меѓународната заедница има морална обврска да не ги затвора очите пред ова што се случува и да има слух за повикот за слобода, изјави г-дин Петеринг.
Првиот човек на Европарламентот истакна дека низ своите резолуции и постојани дејствувања, Европскиот парламент отсекогаш бил активен заштитник на универзалните човекови права и основните слободи и почитувач на достоинството на луѓето. Тој предупреди дека нарушувањето на правото на слобода и слободно изразување од страна на иранските власти е потполно неприфатливо.
Протестите во Иран започнаа поради незадоволството од резултатите на претседателските избори во оваа земја, на кои победи досегашниот претседател Махмуд Ахмадинеџад. Според информациите, иранската полиција досега уапси најмалку 140 политичари, универзитетски професори, студенти и новинари.