Понеделник, 29 јуни 2009 година
Нова кампања за борба против дрогата
Европската унија ги повика сите Европејци да се приклучат во новата кампања против дрогата, која има за цел да се бори за луѓето, а стартуваше на 26 јуни на церемонија организирана од Обединетите нации, по повод Денот на борбата против злоупотреба на наркотици. Дваесет и една организација веднаш се пријави за учество во кампањата за подигнување на свеста за опасноста од злоупотребата на наркотични супстанци.
Учесниците мораат да бидат подготвени за извршување конкретен план на дејствување, но самите треба да одлучат кои мерки ќе ги преземат. За да се уверат во чесноста на нивните намери, организаторите побараа од волонтерите да потпишат ветување.
Според Светската здравствена организација, наркоманијата спаѓа во групата на зависни болести и најчесто се појавува меѓу младите во периодот на адолесценција (14-19 години). Во Европа секоја година меѓу 7.000 и 8.000 луѓе умираат од предозирање. Наркоманите пропаѓаат морално, социјално, материјално и здравствено, а наркоманијата иницира криминални активности, што претставува не само личен проблем, туку и општествен. Затоа се вели дека дрогата е превозно средство со скап билет само во еден правец, а крајна дестинациjа е смртта.