Понеделник, 22 јуни 2009 година
Претседателот на Европарламентот го поздрави давањето гаранции на Ирска за Лисабонскиот договор
Претседателот на Европскиот парламент, г-дин Ханс-Герт Петеринг, го поздрави давањето на гаранциите на Ирска од страна на 27-те земји-членки на Европската унија, кои го отворија патот за втор референдум во оваа земја и целосна ратификација на Лисабонскиот договор.
- Во името на Европскиот парламент, сакам да му се заблагодарам на Чешкото претседателство со Европската унија за осигурувањето на овој клучен договор кој ни овозможува да продолжиме напред. Овој договор ѝ дава гаранции на Ирска во клучните области, чувствителни на даночната политика, правото на живот, образование и семејство, како и воена неутралност, гаранции со кои европските партнери на Ирска ѝ даваат правна сигурност по овие прашања, изјави г-дин Петеринг.
Сè уште актуелниот претседател истакна дека Европскиот парламент силно го поддржува ова решение и изрази надеж дека Лисабонскиот договор ќе стапи на сила до крајот на оваа година, бидејќи тој дава подобра рамка за ефективно и координирано дејствување на ЕУ, врз основа на поголема демократија и транспарентност.
- Едногласноста покажува дека Европската унија е заедница изградена врз основа на солидарност. Земјите-членки, како и Европската комисија и Парламентот ја слушнаа загриженоста на Ирска и одговорија на многу конкретен начин, додаде г-дин Петеринг.
Првиот човек на Европарламентот им порача на земјите во кои процесот на ратификација на Договорот сè уште не е довршен, да преземат мерки за завршување во најкус можен рок.