Среда, 10 јуни 2009 година
Резултатите од евроизборите без драстични промени

Европските избори завршија, а победата ја однесе Европската народна партија (Демохристијани) и европските демократи. Резултатите сe уште се менуваат, но нема драстични измени од првично соопштените.
Европската десница сè уште е прва сила, па според тоа не се очекуваат поголеми промени и во седмиот мандат на Европарламентот. Исто така и досегашната политика кон Западен Балкан, вклучувајќи ја и визната либерализација, не би требало да претрпи промени од страна на новиот состав
Последните објавени резултати од евроизборите велат дека Европската народна партија (Демохристијани) и европските демократи освоиле 264 парламентарни места, односно 35,9% од гласовите.
На второ место е Партијата на европските социјалисти, која со 21,9% од гласовите ќе има 161 член, а трета е Партијата на европските либерали и демократи со 80 пратеници, односно 10,9% од гласовите.
Коалицијата на Зелените и Европската слободна алијанса освои 7,2% од гласовите, односно 53 пратенички места.
Унијата за Европа на народите ќе има 35 пратеници ( 4,8%), а два пратеници помалку ќе брои Партијата на Обединета европската левица/Нордиска зелена левица, која освои 4,3% од гласовите.
Партијата Независност/Демократија доби 2,4% од гласовите, односно 18 мандати, а 93 пратеници (12,6%) се независни.
Конститутивната седница на новиот состав на Европарламентот ќе се одржи од 14 до 16 јули во Стразбур. Европа изгласа 736 нови пратеници кои ќе ги кројат законите наредните пет години, но на изборите правото на глас го искористија само 43,2% Европејци, што е рекордно најмал одзив.