Среда, 19 јуни 2013 година
Г-8 Самит
Унапредувањето на глобалната трговија, борбата против затајувањето и избегнувањето данок, поголема транспарентност, светската економија и кризата во Сирија, беа во фокусот на 39. Самит на Г-8, кој се одржа во текот на претходните два во Велика Британија.
„Имавме добра дискусија за глобалната економија со другите лидери на Г8. Сите бевме согласни дека наш неодложен приоритет е промовирањето раст и работни места, посебно за младите и долгорочно невработените“, изјавија претседателот на Европскиот совет, г. Херман ван Ромпуј и првиот човек на Европската комисија, г. Жозе Мануел Баросо.
На агендата пред лидерите на Г-8 се најдоа и други теми, како глобалната безбедност и климатските промени.
Непосредно пред Самитот, ЕУ и САД официјално започнаа преговори за трговско партнерство. Договорот се очекува да создаде околу два милиони нови работни места и да го зголеми бруто националниот приход.
Инаку, Г-8 е форум кој ги обединува лидерите на осум земји за решавање на меѓународните прашања и справување со најголемите глобални предизвици. Следниот состанок ќе се одржи во Русија 2014 година.