Среда, 23 јуни 2010 година, Берн, Швајцарија

Билатерална средба меѓу претседателот на Собранието на Република Македонија и швајцарскиот претседател на Советот на држави

При официјалната посета на Берн, Швајцарија, од страна на македонската парламентарна делегација, швајцарскиот претседател на Советот на држави (претседавач со Горниот парламентарен дом), г-ѓа Ерика Форстер-Ванини и претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, остварија билатерална средба. 

На срдечната средба се разговараше за прашања поврзани со евроатлантскиот интегративен процес на Република Македонија и прашањата поврзани со спорот за името, како и за последиците од светската економска криза врз економиите на двете држави. Двете страни ja истакнаа важноста од развивање на соработката меѓу двата парламенти и истражувачката поддршка на нивната законодавна работа. 

Претседателот Вељаноски се заблагодари за помошта во формирањето на Парламентарниот институт во Собранието на Република Македонија.

„Пратениците се менуваат, но Парламентарниот институт ќе остане и ќе претставува сведоштво на она што го градиме заедно со Швајцарија“, истакна претседателот Вељаноски.

На крајот на средбата претседателот Вељаноски упати покана до претседателот на Советот на држави, г-ѓа Форстер-Ванини, да ја посети Република Македонија.

Парламентарниот институт ќе нуди истражувачки и аналитички услуги за пратениците и службата, со цел промоција на законодавната и надзорната улога на Собранието на Република Македонија и севкупните собраниски капацитети. 

За време на посетата на Швајцарија, претседателот Вељаноски беше придружуван од потпретседателот на Собранието, г. Јани Макрадули, пратениците: г-ѓа Силвана Бонева, г. Тахир Хани, г-ѓа Цветанка Иванова, г-ѓа Флора Кадриу, г-ѓа Роза Топузова Каревска, г. Кенан Хасипи и генералниот секретар г. Жарко Денковски.

Вкупната вредност на швајцарската донација за проектот на Парламентарниот институт изнесува околу 2.5 милиони евра.  



Вторник, 22 јуни 2010 година, Берн, Швајцарија

Претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељаноски свечено го размени Меморандумот за разбирање со директорот на одделот за соработка со Источна Европа од Швајцарската Агенција за развој и соработка – СДЦ Хуберт Ајзел

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, го размени Меморандумот за разбирање за спроведување на проектот „Поддршка на основањето и развојот на Парламентарниот институт“ со г. Хуберт Ајзел, директор на Одделот за соработка со Источна Европа и член на Директоратот на Швајцарската агенција за развој и соработка - СДЦ



Понеделник, 21 јуни 2010 година

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, во работна посета на Швајцарија

Парламентарна делегација, предводена од претседателот на Собранието г. Трајко Вељаноски, од денеска е во работна посета на Швајцарија, каде свечено ќе се одбележи почетокот на соработката со швајцарската страна по повод основањето на Парламентарниот институт на Собранието, за што неодамна во Скопје беше потпишан Меморандум за разбирање



Петок, 18 јуни 2010 година

Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски денеска го прими Генералниот секретар на НАТО Андерс Расмусен

Република Македонија продолжува со остварување на нашите стратешки определби, а тоа е членството во НАТО и во ЕУ, истакна на почетокот од средбата претседателот на Собранието Трајко Вељаноски. Фактот дека над 4 проценти од вкупниот број на Армијата на Република Македонија денес учествуваат во мировните мисии во Авганистан и во други држави, покажува дека сакаме во целост да ја понесеме нашата обврска кога станува збор за зачувување на мирот и борбата против меѓународниот тероризам и сите оние предизвици кои го загрозуваат светскиот мир. Односно, иако не сме членка на НАТО ние ги преземаме и ги остваруваме сите обврски како полноправна членка, а тоа ни го признаваат скоро сите држави-членки на Алијансата.



Четврток, 17 јуни 2010 година

Средба на претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, со делегација на Народноослободителната Армија на Народна Република Кина

На средбата, претседателот Вељаноски потсети на неодамнешната посета на Народна Република Кина и неговите средби со претседателот на Секинескиот народен конгрес, г. Ву Бангуо, како и на учеството на свеченото отворање на Светската изложба Шангај ЕКСПО 2010, каде што имаше средба со претседателот на Народна Република Кина, г. Ху Џин Тао, и истакна дека и оваа посета на армискиот врв на Народна Република Кина е во функција на натамошно продлабочување на пријателските односи меѓу двете држави и народи



Понеделник, 7 јуни 2010 година

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА СОБРАНИЕТО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА, г. ТРАЈКО ВЕЉАНОСКИ, НА ОСМАТА КОНФЕРЕНЦИЈА НА ПРЕТСЕДАТЕЛИ НА ПАРЛАМЕНТИ ОД ЗЕМЈИТЕ-ЧЛЕНКИ НА ПРОЦЕСОТ ЗА СОРАБОТКА ВО ЈУГОИСТОЧНА ЕВРОПА

На Осмата конференција на претседатели на парламенти од земјите на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, која од 6 до 8 јуни 2010 година се одржува во Анталија, Република Турција, учествуваат претседателите на парламентите од регионот, како и претставници од повеќе европски парламентарни собранија и институции. Конференцијата е концентрирана на натамошна регионална соработка и институционализација. Се очекува тоа да доведе и до создавање на парламентарно собрание, што во другите региони во Европа е веќе одамна присутна пракса, која резултира со бенефит за сите учесници

Click