Четврток, 27 мај 2010 година

Еврокомисијата предложи визна либерализација за Албанија и БиХ

Откако на 19 декември 2009 година граѓаните на Република Македонија, Србија и Црна Гора добија визна либерализација за слободно патување во Европа, Европската комисија денеска предложи безвизен режим и за Албанија и Босна и Херцеговина



Вторник, 11 мај 2010 година

Стартуваше Македонското претседателство 2010

Под логото „Македонско претседателство 2010“, на 120. Министерска сесија во Стразбур, Република Македонија денеска официјално го презеде претседавањето со Комитетот на министри на Советот на Европа.

Откако министерот за надворешни работи на Швајцарија, г-ѓа Мишелин Калми-Реј, поднесе извештај за она што го сработила нејзината држава во текот на претседавањето во последните шест месеци, шефот на македонската дипломатија, г. Антонио Милошоски, го презеде претседателството и ги претстави приоритетите на програмата на Република Македонија.

„Ова е историски ден за нашата држава. Република Македонија пред 15 години стана членка на Советот на Европа, а денеска ја има можноста да претседава. Тоа е голема чест, но и обврска. Задоволни сме од начинот на кој беше сослушана и поддржана нашата презентација, посебно во делот на приоритетите на нашето претседателство“, изјави г. Милошоски.

Македонското претседателство, меѓу другото, акцент ќе стави на: заштитата на човековите права, меѓукултурниот дијалог и вклучување на младите во општествениот живот.

За време на претседавањето, Република Македонија ќе организира повеќе настани, а првиот од нив е состанокот на Постојаниот комитет на Парламентарното собрание на Советот на Европа на 20 и 21 мај во Скопје.

Советот на Европа од македонското претседателство очекува да биде активно, ефикасно и да биде составен дел од приоритетите на Европскиот совет.

Ротационото претседателство нашата држава го презеде од Швајцарија, а во ноември ќе ѝ го предаде на Турција.

Освен преземањето на претседателството од страна на нашата држава, на седницата беа разгледани и следните точки: проследување на конференцијата на високо ниво за иднината на Европскиот суд за човекови права, мерките преземени од страна на Советот на Европа по конфликтот во Грузија, односите меѓу Советот на Европа и Европската унија и процесот на реформите на Советот на Европа и неговата стратешката улога и одговорност во однос на Босна и Херцеговина.



Понеделник, 10 мај 2010 година

Македонија пред преземање на претседателството со Комитетот на министрите на Советот на Европа

Утре, на 11 мај, Република Македонија ќе го презеде претседателството со Комитетот на министрите на Советот на Европа за следните шест месеци. Ова ќе се случи во Стразбур на крајот од состанокот на министрите за надворешни работи на земјите-членки на Европскиот совет



Петок, 7 мај 2010 година

ЕУ ја прославува 60-годишнината од Декларацијата „Шуман“

Европскиот парламент и другите институции на Европската унија ќе организираат манифестации во Стразбур, Брисел и Луксембург, во земјите-членки на ЕУ, како и Отворени денови во Брисел на 8 мај и Стразбур на 9 мај, со цел да ја одбележат 60-годишнината од потпишувањето на Декларацијата „Шуман“

Четврток, 6 мај 2010 година

„Македонско претседателство 2010“ - официјално лого за претседавање со Комитетот на министрите на Советот на Европа

Стилизирано македонско знаме со логото на Советот на Европа, проследено со текстот на англиски јазик „Македонско претседателство 2010“, придружено од десната страна со официјалното лого на Комитетот на министри на Советот на Европа, е официјалното лого под кое Република Македонија ќе претседава со Комитетот на министрите на Советот на Европа.

Логото беше официјално промовирано вчера на состанокот на Комитетот на министри на Советот на Европа, кој заседаваше на амбасадорско ниво во Стразбур, во пресрет на 120. министерска сесија, која ќе се одржи на 11 мај 2010 година.

Документот дополнително носи и соодветна ознака својствена на сите службени документи на Комитетот на министрите - ЦМ/Инф (2010) 19.

Во согласност со востановенатa практика во меѓународните организации од членството на Република Македонија во ООН до денес, документот ќе биде дистрибуиран до останатите 46 земји-членки, со покривна страница на која се наоѓа референцата која се користи за привремено ословување на државата, во согласност со Резолуцијата на Советот за безбедност 817 од 1993, без никакви промени во содржината на документот, кој го содржи официјалното лого и именувањето на оваа функција во Советот на Европа како „Македонско претседателство 2010“.

Приоритетите на македонското претседавање со Комитетот на министрите официјално ќе бидат претставени од страна на министерот за надворешни работи, г. Антонио Милошоски, на министерската сесија.


Среда, 5 мај 2010 година

Пленарна сесија на Европарламентот

Денеска и утре во Брисел, Европскиот парламент ќе одржи пленарна сесија, на која ќе се гласа и расправа по некои прашања кои не можеа да се заокружат на претходната сесија во Стразбур затоа што поголемиот дел од европратениците не присуствуваа поради хаосот кој настана во воздушниот сообраќај како резултат на активирањето на вулканот во Исланд

Click