Вторник, 5 мај 2009 година, Стразбур
Европарламентот за заштита на животните
Пленарната сесија на Европскиот парламент во Стразбур, која ќе трае од 4 до 7 мај, започна со излагањето на претседателот на Парламентот Ханс-Герт Петеринг, кој го одбележа навршувањето на петте години од најголемото проширување на 1 мај 2004 година, кога кон Обединета Европа се присоединија десет нови држави од Централна и Источна Европа и Средоземјето. Европратениците го разгледаа Предлогот за заштита на животните и хуманиот однос кон нив. Она за што се залагаат е од етични причини искористувањето на животните за научни експерименти да биде ограничено, сите можни страдања да бидат отстранети или намалени до минимум, а искористувањето на загрозените видови да биде забрането.
Во продолжение на Седницата, европратениците ќе гласаат за мерките за собирање и рециклирање на пареата од бензинот при точење на гориво во автомобилите на бензинските станици, со цел да се спречат штетните ефекти врз луѓето и околината.
Технологијата за ваквото спречување за сите нови бензински станици ќе стане задолжителна од 1 јануари 2012 година, а сите големи бензински станици ќе треба да го инсталираат системот до 2018 година.