Понеделник, 15 март 2010 година
Советот на Европската унија усвои заклучоци за потребата од нова индустриска политика
На седницата одржана на 1 март 2010 година во Брисел, Советот за конкурентност потсети на Европскиот извештај за конкурентност за 2009, во кој е забележано дека 2008 и 2009 година се карактеризираа со појавата на сериозна рецесија и намалување на стапките на економската активност и вработеноста.
Советот потсети на постигнатата согласност на шефовите на држави и влади на Европската унија, дека Европа треба да се трансформира во конкурентна, иновативна и екоефикасна економија, согласно заклучоците на претседателството на Европскиот совет одржан во Брисел на 18-19 јуни 2009 година.
Новата индустриска политика на ЕУ треба да одржува континуитет со релевантните елементи на постојната индустриска стратегија, а елементите кои треба да се земат предвид во дефинирањето на политиката се: институционалните промени во Унијата, стапувањето на сила на Лисабонскиот договор и неодамнешните меѓународни случувања.
Советот нагласи дека за успешен премин кон конкурентна и екоефикасна економија и имплементацијата на одржлива индустриска политика треба да се подобри конкурентноста, да се насочат предизвиците за животната средина во можности за бизнис и високо квалитетни работни места. Во овој контекст, акцентот треба да биде на природните ресурси и енергетската ефикасност, посебно на развојот и поддршката за широко прифаќање на безбедни и одржливи технологии со ниско ниво на емисија на стакленички гасови и обновливите извори на енергија.
Во усвоените заклучоци Советот ги истакна приоритетите на индустриската политика кои треба да придонесат кон следното:
- да се одговори на можностите и предизвиците на глобализацијата преку комбинирање на сите можни инструменти и мерки на индустриската политика на ЕУ (вклучувајќи ги и оние на внатрешниот пазар, конкуренцијата, регионалната политика, трговијата и инвестициите),
- поставување на добро дефинирана агенда за конкурентност во однос на слободното движење на лица, стоки, услуги и капитал, имајќи предвид дека и слободното движење на знаењето има суштинско значење за испорачување на микроекономските елементи на идната стратегија за раст и работни места,
- создавање на најдобри услови и усвојување на нова конкурентна и одржлива индустриска политика со цел подобрување на конкурентноста, стимулирање на растот и работните места, меѓу другото и искористување на потенцијалот на европската кохезиона политика и другите релевантни политики,
- реафирмирање на клучната улога на малите, средните и микро претпријатијата како основа на европската економија и потребата за обезбедување на соодветен пристап до финансиски средства, навремено и ефикасно спроведување на Актот за малите бизниси, имајќи го во предвид принципот на субсидијарност и различните појдовни позиции на земјите членки на ЕУ,
- препознавање на стратешкото значење на информатичките и комуникациските технологии преку создавање на амбициозна европска дигитална агенда со конкретни цели,
- трансформирање на економијата на Европа во екоефикасна економија имајќи ги во предвид придобивките, но и трошоците од промената,
- зајакнување и развој на внатрешниот пазар,
- понатамошен развој на надворешната димензија на внатрешниот пазар со цел зголемување на трговијата и инвестициите, врз основа на јасна агенда преку евалуација и следење,
- продолжување со развојот и спроведувањето на принципите за подобро уредување (на прописите), намалување на постојните оптоварувања и избегнување на дополнителни административни трошоци.
-
зајакнување и подобра координација на ЕУ во областите на истражувањето и иновациите, вклучително и образованието, вештините и слободното движење на знаењето,
Советот ја повика Европската комисија да продолжи со интегриран пристап на индустриската политика врз база на хоризонтални и секторски иницијативи, да ги земе предвид различните околности во одделните сектори на индустријата и да обезбеди поблиска координација на индустриските и технолошките политики на земјите членки. Комисијата и земјите членки беа повикани заеднички да работат на спроведување на Актот за мал бизнис со акциониот план, како клучен елемент за конкурентност, раст и работни места.