Вторник,10.03.2009 година, Скопје
Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски денеска го прими претседателот на Владата на Република Чешка и претседавач на Европскиот совет, г. Мирек Тополанек кој е во официјална посета на Република Македонија

Истакнувајќи ги добрите билатерални односи помеѓу двете држави, а во тие рамки и на двата парламента, претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски посебно истакна дека Собранието многу сериозно работи на хармонизација со европското законодавство и на остварување на реформите. Потсетувајќи дека за десет дена кај нас ќе се одржат претседателски и локални избори, претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски истакна дека следејќи го досегашниот тек на изборниот процес вклучувајќи ја тука и кампањата изборите ќе поминат во фер и демократска атмосфера. Сакам да потсетам дека Република Македонија одамна ги има исполнето сите услови, и законски и технички кога станува збор за либерализација на визниот режим. Затоа очекуваме дека Европската комисија, за време на вашето претседателствување, ќе донесе одлука за визна либерализација, а до крајот на годината очекуваме да го добиеме и датумот за отпочнување на преговори. Претседавачот со Европската комисија и претседател на чешката Влада, г. Мирек Тополанек, истакна дека Чешка и понатаму ќе ја остварува политиката на отворени врати кога станува збор за проширување на Европската унија. Во тие рамки Чешка, како и досега, принципиелно ќе ја поддржува Република Македонија на нејзиниот пат во евроатлантските структури.