Среда, 30 ноември 2011 година
Пленарна седница на Европскиот парламент
Денеска и утре, Европскиот парламент одржува пленарна седница, на која, меѓу другото, ќе се гласа за договорот за членство на Хрватска во Европската унија, што ќе го отвори патот на оваа земја за присоединување кон европското семејство во 2013 година.
За време на седницата во Брисел, на дневен ред пред европратениците ќе се најде и економската и финансиска криза во Европската унија.
Денеска ќе се расправа, а утре ќе се гласа и по Резолуцијата за Планот „Европски семестар“ за координација на економските политики на земјите-членки на ЕУ, кој треба да се стекне со вистински демократски легитимитет.
Во текот на утрешниот ден ќе се гласа за Буџетот на ЕУ за 2012 година, како и за новиот кодекс за однесување на членовите на Европарламентот, а новоназначениот шеф на Европската централна банка, г. Марио Драги, ќе ја оствари својата прва дебата со европратениците.
По повод 1 декември – Светскиот ден за борба против сидата, ќе се гласа Нацрт-резолуцијата за еднаков систем на пристап до тестирање, лечење и нега, со цел намалување на бројот на новите случаи на лица со ХИВ инфекции.