Понеделник, 9 ноември 2009 година
Дваесет години од падот на Берлинскиот ѕид
Денеска Германија одбележува 20 години од падот на Берлинскиот ѕид. За таа цел пред Бранденбуршката порта ќе се одржи манифестацијата „Празникот на слободата“, на која германскиот претседател Хорст Келер и канцеларката Ангела Меркел ќе бидат домаќини на шефови на држави и влади од сите земји-членки на Европската унија, како и на американскиот министер за надворешни работи Хилари Клинтон и рускиот претседател Дмитри Медведев.
Берлинскиот ѕид бил изграден во 1961 година од комунистичкиот режим на Источна Германија со цел да се оддели Западен Берлин, кој бил под контрола на западните сојузници, од источниот дел на градот и од остатокот од Источна Германија, која била под силно влијание на СССР. Тој ги разделувал Источна и Западна Германија точно 28 години и 1 ден. Ѕидот бил целосно урнат кон крајот на 1989 година, освен еден дел кој и денес стои како спомен на тоа време. На 9 ноември 1989 година, по неколкунеделни граѓански немири, власта во Источна Германија објавила дека сите нејзини граѓани можат да ја посетат Западна Германија и Западен Берлин.
Падот на Берлинскиот ѕид бил првиот чекор во обединувањето на Германија кое се завршило на 3 октомври 1990 година.
„Повторното обединување на Германија не е завршен процес. Направивме многу, но сè уште има разлики и мораме да сториме уште доста за да создадеме еднакви услови за живот“, изјави канцеларката Ангела Меркел.