Среда, 25 ноември 2009 годинаЕвропарламентот расправа за проширување на ЕУ
На пленарната сесија на Европскиот парламент, која се одржува од 23 до 26 ноември во Стразбур, денеска европратениците расправаат за Предлог-резолуцијата на Европската комисија за проширување на Унијата со земјите од Западен Балкан, Турција и Исланд.Во Предлог-резолуцијата, изготвена од италијанскиот европратеник Габриеле Албертини, за која ќе се гласа утре, почетокот на преговорите не се условува со претходно решавање на спорот за името, но се охрабруваат Македонија и Грција што е можно поскоро да најдат заемно прифатливо решение.
Како позитивен придонес за регионалната стабилност се оценува неодамнешното воспоставување дипломатски односи меѓу Македонија и Косово, како и склучувањето на договорот за физичка демаркација на границата. Се повикува македонската влада да продолжи со реформите во јавната администрација и судскиот систем, борбата со корупцијата, подобрување на правата на жените и меѓуетничките односи.
На вчерашната пленарна сесија, од Советот беше побарано на самитот во декември да ја потврди препораката на Европската комисија за Република Македонија, а во врска со визната либерализација, европратениците го потенцираа фактот дека нашата земја ги има исполнето сите критериуми.