Среда, 6 ноември 2013 година
Средба на претседателот Вељаноски со претседателот на Владата на Република Албанија, г. Еди Рама


Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, му ја честиташе изборната победа на својот соговорник, посакувајќи му успешна работа во периодот што следи и истакна дека развивањето на добрососедски односи е еден од приоритетите на надворешната политика на Република Македонија, а со остварувањето на средби од највисоко ниво, постојано се зголемува квалитетот на заедничките пријателски односи.
Претседателот Вељаноски се осврна и на соработката меѓу двата парламента, која се одвива на сите нивоа и дополни дека Собранието на Република Македонија е подготвено да пренесе искуства по однос на донесувањето на закони поврзани со интегративниот процес на Република Македонија. Во овој дел и двајцата соговорници се согласија дека оваа соработка дава голем придонес во билатералните односи, а во исто време ја јакне целокупната стабилност на регионот и неговите евроатлантски перспективи.
Претседателот на Владата на Република Албанија, г. Еди Рама, потенцираше дека за Република Албанија е многу значајно да има одлични односи со Република Македонија, како и дека Република Албанија била, е и ќе биде сосед кој посакува интеграција на Република Македонија.
На средбата стана збор и за членство на Република Македонија во НАТО, при што претседателот на Владата на Република Албанија истакна дека Република Албанија целосно го поддржува членството на Република Македонија во НАТО, бидејќи зајакнувањето и стабилноста на Република Македонија се значајни за стабилноста и сигурноста на регионот.
Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Вељаноски, истакна дека дополнителна вредност во меѓусебните односи помеѓу двете држави и нивните граѓани би дала позитивна одлука на Владата на Република Албанија да го признае уставното име на Република Македонија.
На средбата стана збор и за економската соработка, двајцата соговорници се согласија дека трeба да се зголеми активноста во изработка на заеднички проекти на полето на инфраструктурата и енергетиката на двете држави. Исто така, се разговараше и за образованието како сегмент во кој мора повеќе да се инвестира за доброто на идните генерации во двете држави.
Претседателот на Владата на Република Албанија, г. Еди Рама, истакна дека е согласен за поголемо интензивирање на регионалната соработка, каде што сите држави од соседството ќе соработуваат за побрза изградба на патната и енергетската инфраструктура со што ќе се зголеми економскиот раст во регионот.