Среда, 12 јануари 2011 година
ПРЕТСТАВЕНИ ПРИОРИТЕТИТЕ НА УНГАРСКОТО ПРЕТСЕДАТЕЛСТВО СО СОВЕТОТ НА ЕУ
На заедничка средба на релевантните тела задолжени за евроинтеграции во Собранието на Република Македонија на 11 јануари беше претставена Програмата и приоритетите за работата на Претседателството на Република Унгарија со Советот на Европската унија. Во име на Европската унија, се обрати Амбасадорот Ерван Фуере, истакнувајќи дека 2011-та е година за Македонија е година на јубилеи, кога се одбележува 20-годишнината од нејзиното осамостојување и 10 - годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, кој промовира дух на единство и помирување и е столб за унапредување на меѓуетничките односи во земјата. Неговата целосна имплементација налага посветеност од владата и секој член во општеството. Одржувањето на пописот оваа година е клучен тест за меѓуетничките односи во Македонија и за довербата во институциите и од владата е потребно да создаде најповолна клима за неговото спроведување.
Амбасадорот Кекеши ја презентираше програмата на Унгарското претседателство со слоганот „Посилна Европа со човечки карактер“, притоа фокусирајќи се на 4 столба: Раст и вработување за зачувување на европскиот социјален модел, Посилна Европа, Унија пријател на граѓаните и Проширување и добрососедска политика. Во однос на Македонија, Амбасадорто нагласи дека „Унгарија ќе ги поддржи напорите на Владата на Република Македонија да се приклучи кон Унијата во согласност со заклучоците на Европскиот совет. Во тој контекст, Унгарија е подготвена да помогне во преговорите и активно да се вклучи ако тоа е побарано од сите страни. Ние ги поддржуваме преговорите посредувани од страна на ОН.“
Вицепремиерот задолжен за евроинтеграции, г. Васко Наумовски, изрази надеж дека за Република Македонија ќе биде определен датум за преговори за време на Унгарското претседателство и воедно дека „прашањето кое се поставува оваа година не е дали државите-кандидати за членство треба да бидат членки на ЕУ, туку како тие побрзо да станат дел од неа“.
Копретседавачот на МПК, г. Александар Спасеновски го поздрави претседателствувањето на Унгарија за прв пат со Советот на ЕУ, во период кога Европската унија е исправена пред два големи предизвика: справување со внатрешната економска криза и продолжување со процесот на проширување. Во однос на приоритетите на претседателството, Спасеновски истакна
дека Македонија бара свое место особено во последниот приоритет за проширувањето, каде Унгарија изразува спремност, доколку земјите членки одлучат за отпочнување на преговори со Македонија, да ги изврши потребните активности како претседавач со Советот на ЕУ, со што конечно ќе се одврзе јазолот во спорот со Грција и ќе се отстрани пречката за датум за преговори. Доколку тоа не се случи во текот на Унгарското претседателство, се поставува прашањето како да се одржи и забрза темпото за реформи во услови на нерешен спор со името и за кого се прават рефромите, дали за Македонија или за Брисел?
Спасеновски посочи дека Собранието ќе продолжи со промовирање на консензусот во пракса на ниво на власт -опозиција, потоа меѓу Македонците, Албанците, Турците, Ромите, Србите, Бошњаците, како и со носењето на европски закони на брза патека. Во таа насока, Мешовитиот парламентарен комитет - Република Македонија и Европската унија е најголем поддржувач на Македонија и на процесот на проширувањето во ЕУ.