Делегации



Понеделник, 21 март 2011 година

Средба на г. Александар Спасеновски со европратеникот г-ѓа Сандра Калниете

На 18 март 2011 година, копретседавачот и членовите на Мешовитиот парламентарен комитет РМ – ЕУ, заедно со претседателите и членовите на Националниот совет за европски интеграции, Комисијата за европски прашања, како и Комисијата за надворешна политика и на земјоделство, шумарство и водостопанство, остварија средба со европратеникот и поранешен министер за надворешни работи на Република Летонија, г-ѓа Сандра Калниете.

Европратеникот Калниете изрази задоволство за можноста да се сретне со пратениците и да ги сподели своите искуства, бидејќи, како што рече, Македонија и Летонија ги поврзуваат заеднички нешта, особено поради фактот што и двете се мали држави.

Таа го поздрави неодамнешното усвојување на Извештајот за напредокот за Република Македонија во Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент, во која се повикува на отпочнување на преговорите и на вклучување на високиот претставник и на комесарот за проширување во процесот за прашањето за името, бидејќи Унијата има искуство во решавање на билатерални спорови меѓу земјите пред членството во ЕУ. Госпоѓа Калниете изрази надеж дека Република Македонија ќе ги започне преговорите во 2012 година, за што ќе биде потребен внатрешен консензус меѓу сите политички чинители во државата.

Како претставник од Комисијата за земјоделство во Европскиот парламент, таа посочи дека 35% од Буџетот на ЕУ одат за земјоделството и кога Република Македонија ќе почне со преговорите, ќе ѝ бидат потребни искусни експерти од областа за договарање на најситните детали во поглавјето за земјоделството.

Копретседавачот на Мешовитиот парламентарен комитет - Република Македонија и Европската унија (МПК РМ-ЕУ), г. Александар Спасеновски, истакна дека Република Македонија и Република Летонија споделуваат многу сличности, поради фактот што и двете сега се демократски држави со претходно социјалистичко уредување, како и со јасно изразена европска перспектива која ја посакуваат нивните граѓани. 

Господин Спасеновски го посочи отвореното прашање за спорот со името што се наметнува како пречка во процесот на евроинтеграции на Република Македонија и отпочнување на преговорите за членство, што ја става Македонија во позиција да го оствари државниот интерес за членство во ЕУ, но и да го зачува својот национален идентитет, јазик и уставно име.

Копретседавачот на МПК РМ-ЕУ, ги презентираше позитивните искуства на МПК со колегите европратеници и подвлече дека во досегашната пракса, Европскиот парламент се покажал како најголем поддржувач на Република Македонија и на процесот на проширување. Во однос на земјоделството, г. Спасеновски истакна дека Република Македонија вложила многу во последните години на ова поле со издвојувањето значителен дел од буџетските средства за субвенции за земјоделците и реформи во земјоделскиот сектор, со цел истиот да биде профитабилна гранка.

Европратеникот Калниете, по размената на мислења со колегите пратеници, го сподели ставот дeка членството во ЕУ ја зајакнува културата и јазикот на една нација, станувајќи официјален јазик на Унијата, што ги зајакнува вредностите и го зајакнува дигнитетот, но членството во ЕУ исто така постепено го подобрува и стандардот на сите граѓани. За реализација на нашиот стратешки приоритет, г-ѓа Калниете заклучи дека е потребен добар дијалог на меѓународен план, но и внатрешен дијалог кој е во духот на европските вредности.

Click