ЕУ вести



Среда, 9 октомври 2013 година

Европскиот парламент усвои пакет мерки за цигарите

Цигарите со вкус на овошје и ментол, како и пакувањата со помалку од 20 цигари, во иднина ќе бидат забранети. Овој Предлог-закон, кој има за цел да ги направи цигарите помалку атрактивни за младите луѓе, беше усвоен од страна на Европскиот парламент.

Според него, електронските цигари треба да бидат регулирани, но не да бидат предмет на истите правила како и медицинските производи , освен оние што докажано имаат лековити или превентивни својства.

На пакувањата цигари треба да има предупредување за нивното лошо влијание врз здравјето, кое ќе зафаќа 65% од површината на пакувањето.

Исто така, европратениците се залагаат да се намали бројот на нелегални тутунски производи на пазарот.

Статистиката на Светската здравствена организација покажува загрижувачки нагорни трендови кај младите пушачи во голем број земји-членки на Европската унија.

Докажано е дека пушењето предизвикува рак на белите дробови, на усната празнина, ги провоцира срцевите болести, дијабетесот, мозочниот удар, а има големо влијание и за појава на респираторни инфекции. Истите последици ги предизвикува и пасивното пушење, односно вдишувањето на чад од цигарите кои ги пуши некој друг (пасивен пушач е секој кој живее или работи со пушач).

Пушењето останува главна причина за смртност и околу 700.000 луѓе во ЕУ годишно умираат од него, додека во светски рамки бројката изнесува 6 милиони. Пасивното пушење, пак, ја причинува смртта на над 16.000 непушачи меѓу населението на ЕУ.

Click