Дел од деловникот кој се однесува на поднесување на предлози
Извадоци од Деловникот на Собранието на Република Македонија со кој се регулира начинот на поднесување на предлози од граѓани
5. Амандмани
Член 165
Предлогот за изменување или дополнување на предлогот на законот се поднесува во форма на амандман.
Амандман може да поднесе секој пратеник во Собранието, работно тело, Владата и најмалку 10.000 избирачи.
Амандманот се поднесува до претседателот на Собранието во писмена форма и мора да биде образложен и потпишан од предлагачот.
Ако амандманот содржи одредби со кои се ангажираат финансиски средства, предлагачот на амандманот е должен истовремено да укаже и на можните извори за обезбедување на тие средства.
Член 166
Амандман се поднесува најдоцна пет дена пред денот определен за одржување на седницата на Собранието.
По исклучок амандман може да се поднесе во текот на претресот по предлогот на законот, ако со него се врши усогласување на одредбите во текстот што се измениле поради претходно усвојување на еден или повеќе амандмани.
Кога законот се донесува по итна постапка или на итна седница, амандмани може да се поднесуваат до завршувањето на претресот.
Во постапка за донесување на закон во која се скратени роковите амандмани можат да се поднесуваат во рок од 24 часа пред часот определен за одржување на седницата на која ќе се претресува предлогот за донесување на закон со предлог на законот.
Подносителот на предлогот на законот може да поднесува амандмани си до заклучувањето на претресот по предлогот на законот.
Член 167
Претседателот на Собранието амандманот веднаш го доставува до пратениците, до предлагачот на законот и до Владата, кога не е предлагач на законот.
Претседателот на Собранието амандманот го доставува на мислење и до надлежното работно тело и до Законодавно-правната комисија.
Член 168
За амандманот се води претрес.
За амандманот има право да се изјасни предлагачот на законот и известителот на работното тело што го претресувало предлогот на законот, во траење од пет минути.
Владата може да се изјаснува за амандманите и кога не е предлагач.
Член 169
Собранието ќе го одложи претресот по амандманот во случај кога предлагачот на законот тоа го бара.
Член 170
За амандманот се одлучува пред да се гласа за одредбата од предлогот на законот на која се однесува амандманот.
Ако на иста одредба од предлогот на законот се поднесени два или повеќе различни амандмани, за амандманите се гласа според редот по кој се поднесени.
Ако со некој од амандманите се предлага бришење на одделна одредба од предлогот на законот, прво се гласа за тој амандман и ако амандманот се усвои, не се гласа за другите амандмани на тој член.
Ако амандманот на предлогот на законот содржи одредби со кои се менуваат утврдените начела врз кои се засновува законот или ако усвојувањето на амандманот би предизвикало побитни изменувања на текстот на предлогот на законот, за амандманот не може да се одлучува на седницата на Собранието ако надлежното работно тело и Законодавно-правната комисија не го разгледале и не поднеле извештај за тој амандман.
Ако амандманот на предлогот на законот содржи одредби со кои се ангажираат финансиски средства, претседателот на Собранието веднаш го доставува и на работното тело во чиј делокруг спаѓаат прашањата на буџетот и финансиите, за да го проучи влијанието на амандманот врз средствата со кои се располага и можните извори за финансирање на предложените решенија и за тоа да го извести Собранието.
Член 171
Амандманот се усвојува со мнозинство гласови од присутните пратеници, а најмалку со една третина од вкупниот број пратеници, без оглед на мнозинството гласови потребно за донесување на законот, утврдено со Уставот.
Амандманот на подносителот на предлогот на законот и амандманот со кој тој се согласил се смета за составен дел на предлогот на законот.