Собраниско раководство

 

БЛАГОЈА ТАЛЕСКИ

 

 

 

 

 
Роден е на 17 јануари 1924 година во Прилеп. Благоја Талески е еден од поистакнатите партиски и воени раководители на Република Македонија. Бил и државник. Произлегува од многудетно занаетчиско семејство. Уште на 16-годишна возраст бил член на Комунистичката партија на Југославија.

Учествувал во Илинденските демонстрации во 1940 година, поради што бил апсен и затворан во велешкиот и скопскиот затвор и во затворот на Ада Циганлија. Учествувал во подготовките за вооруженото востание. Во октомври 1940 година е уапсен и интерниран во Бугарија. По враќањето од затвор Талески е секретар на областен комитет на КПМ. Учествувал во формирањето на оперативната зона на партизанските одреди „Даме Груев“ и „Гоце Делчев“.

Како партиски и воен раководител дејствувал во мобилизирањето на народот во Преспа, Прилеп , Крушево и Битола. Има високо образование и се вбројува меѓу активните општествено-политички работници. Носител е на Партизанска споменица 1941. Заземал повеќе раководни функции во Република Македонија и во југословенската федерација.

Покрај другото бил секретар на Општинскиот комитет на Битола, началник на Кадровското одделение на ЦК СКМ, секретар на Градски комитет на СКМ, секретар на Околискиот комитет на СКМ - Прилеп, секретар на Главниот одбор на ССРНМ. Од 1963 до 1966 година е претседател на Контролната комисија во Владата на Народна Република Манедонија, бил член на АСНОМ од 1944 до 4 септември 1946 година.

Бил пратеник на Првото и Второто свикување на уставотворните собранија на Македонија од 4 септември 1946 до 3 декември 1950 година. Бил пратеник на Второто, Третото и Четвртото свикување на Сојузното собрание (Сојузен собор) од 26 март 1950 до 8 јуни 1963 година. Бил пратеник и во Стопанскиот собор на Сојузното собрание од 3 јуни 1963 до април 1965 година.
     
Во Собранието на Социјалистичка Република Македонија бил пратеник во стопанскиот собор на Собранието на СРМ од 9 април 1967 до 9 април 1969 година и пратеник на Стопанскиот собор на Собранието на СФРЈ од април 1969 до април 1974 година. Благоја Талески беше претседател и на Републичкиот совет на ССМ (Сојузот на синдикатите на Македонија) од 1963 до 1966 година. И во стопанскиот живот на Република Македонија има забележлива активност.

Покрај другото, бил претседател на Околискиот задружен сојуз на Битола и генерален директор на Здруженото претпријатие „Југотутун“ во Скопје. Функцијата претседател на Собранието на Република Македонија Благоја Талески ја извршуваше во два мандата од по четири години, односно од 7 мај 1974 до 28 април 1982 година. 
Беше член на претседателството на СКМ и член и претседател на Претседателството на Социјалистичка Република Македонија. Почина во 2001 година.     

Click