Собраниско раководство



 

ЛАЗАР КОЛИШЕВСКИ

 

 

 

 

 
Лазар Колишевски е роден во Свети Николе на 12 февруари 1914 година. Пред војната бил металски работник. Завршил воено-занаетчиска школа во Воено-техничкиот завод во Крагуевац. Како ученик и работник во Заводот, учествувал во работа на напредното младинско и работничко движење. Бил и еден од раководителите на напредната младина. Поради политичката дејност повеќепати бил апсен и прогонуван.

Колишевски бил и секретар на партискиот комитет на Воено-техничкиот завод во Крагуевац и организационен секретар на Окружниот комитет на КПЈ. Како делегат учествувал во Петтата земска конференција на КПЈ во 1940 година во Загреб. Поради политичката активност бил отпуштен од Воено-техничкиот завод. По одлука на Покраинскиот комитет на Комунистичката партија на Југославија за Србија, на почетокот на 1941 година заминува на работа во Смедеревска Паланка заради формирање на партиска организација.
     
По капитулацијата на Кралството Југославија, по одлука на ЦК на КПЈ, доаѓа на работа во Македонија како доверител (повереник) на ЦК на КПЈ за Македонија заради доследно спроведување на политиката на Комунистичката партија на Југославија за вооружено востание. Тука се судира со тогашниот секретар на ПК на КПЈ за Македонија Методија Шаторов - Шарло, кој без знаење на ЦК на КПЈ, а со поддршка на Централниот комитет на Бугарската работничка партија, самоволно ја приклучил македонската партиска организација кон бугарската.
     
Кон крајот на август 1941 година, по интервенција на Централниот комитат на Комунистичката партија на Југославија и лично на Тито до Коминтерната, партиската организација на Македонија повторно е вратена во составот на Комунистичката партија на Југославија, а Колишевски е именуван за секретар на ПК на КПЈ за Македонија и за раководител на Покраинскиот воен штаб.

На почетокот на ноември 1941 година „е провален“ и бил уапсен од бугарската полиција. Поради својата револуционерна дејност е осуден на смрт. Подоцна смртната казна му е преиначена во доживотна робија. На робија во бугарскиот затвор во Плевен се наоѓа се до капитулацијата на фашистичка Бугарија на 9 септември 1944 година, кога се враќа во Македонија.
     
Со формирањето на ЦК на КПМ, во март 1943 година е избран за секретар и на таа функција е сé до јули 1963 година. Лазар Колишевски бил избран и за делегат на Второто заседание на АВНОЈ и бил член на АВНОЈ, како и делегат на Првото заседание на АСНОМ и член на АСНОМ. На Второто (прво вонредно заседание) на АСНОМ е избран за претседател.
Од 1944 година без прекин е избиран за народен пратеник во Народното собрание на Република Македонија и во Сојузната народна скупштина.
     
Во март 1945 година едногласно е избран за прв претседател на Првата народна влада на Демократска Федерална Македонија, а од 19 декември 1953 година е претседател на Народното собрание на Народна Република Македонија. На таа функција одново е избран на 15 април 1958 година и ја извршува сé до 26 јуни 1962 година.

Од 1963 до 1967 година е претседател на Сојузниот одбор на ССРНЈ. Од 1967 до 1972 година е член на Советот на Федерацијата, додека од 1972 до 1984 година е член на Претседателството на СФРЈ. Кратко време, по смртта на Јосип Броз Тито, ја извршуваше и функцијата претседател на Претседателството на СФРЈ.
     
Носител е на највисокото југословенско одликување - Југословенска голема ѕвезда, на Орден на заслуги за народ од прв ред, Орден братство-единство од прв ред, Орден на храброст, а е и носител и на Партизанска споменица 1941 и е прогласен за народен херој. Почина на 6 јули 2000 година.

Click