Собраниско раководство



 

ЉУПЧО АРСОВ

 

 

 

 

 
Револуционер, државник, народен херој, еден од најпознатите и најактивните општествено-политички работници и раководители на Република Македонија. Роден е на 19 мај 1910 година во Штип. Потекнува од трговски семејство кое е активно вклучено во народноослободителната борба на македонскиот народ од отоманското ропство и меѓу двете светски војни.

Уште од најрана младост се вклучува во народното младинско и работничко движење. Во членството на Комунистичката партија на Југославија е од јуни 1940 година. Бил секретар на партиска ќелија и член на Првиот реонски комитет на КПЈ во Белград. Во јуни 1941 година, по враќањето од заробеништво во Белград, по налог на КПЈ заминува на работа во Штип.
     
Пред Втората светска војна, како банкарски чиновник, работел во Сојузот на банкарите, на осигурителните, на трговските и на индустриските чиновници во Белград. Како член на месниот комитет за Штип и за Битола, во 1941 година учествува во подготовките на вооруженото востание во Македонија кое, како што е познато, се кренало на 11 Октомври.

Од пролетта 1942 до март 1943 година е во бугарски затвори и во интернација поради неговата слободољубива дејност и засилена активност на општествено-политички план. Од јуни 1942 година е член на ПК на КПЈ за Македонија, член на Преивремениот ПК и на Главниот штаб на Народноослободителната војска и на партизанските одреди на Македонија.
     
По враќањето од затвор е секретар на Четвртиот областен комитет на КПМ и член и секретар на Петтиот областен комитет на КПМ. До есента 1943 година е член на Штабот на Петтата оперативна зона и раководител на активностите и акциите на Козјачкиот партизански одред. Од 1944 година до Четвртиот конгрес на КПМ е член на ЦК СКМ, а од Петтиот до Осмиот конгрес - член на ЦК СКЈ.
     
На Првото заседание на АСНОМ е избран за секретар на Президиумот (Претседателството на АСНОМ). Бил избран за потпретседател и министер за финансии во Првата народна влада на Македонија, а потоа е именуван за претседател на Комисијата на државна контрола на Македонија.

Од јануари 1948 до декември 1953 година е министер за труд во сојузната влада на Југославија. Во периодот 1953-1960 година е претседател на Извршниот совет на Собранието на Република Македонија, а член на Сојузниот извршен совет - 1960 до 1962 година. Од 26 јуни 1962 до 24 јуни 1963 година е претседател на Народното собрание на Република Македонија. Од 1963 - 1967 година е претседател на Републичката конференција на ССРНМ.

Во истиот тој период одново е претседател на Извршниот совет на Собранието на Република Македонија. Од 1967 до 1971 година е потпретседател на Сојузната конференција на ССРНЈ, член на Советот на југословенската федерација, додека во периодот од 1979 година е член на Претседателството на СРМ, а бил и негов претседател. До 1974 година Љупчо Арсов е избран во сите свикувања на Собранието на СРМ и во Сојузното собрание.
  
Љупчо Арсов е народен херој на Југославија и Јунак на социјалистичкиот труд. Носител е и на Партизанска споменица 1941. Трагично го загуби животот во 1986 година. 

Click