Петок, 20 септември 2013 година
Меѓународен ден на мирот
Утре, на 21 септември, традиционално ќе се одбележи Меѓународниот ден на мирот, преку низа активности и свечености низ целиот свет. Тоа е можност поединци и организации на ист ден да дадат практичен удел во подигнувањето на јавната свест за прашањата поврзани со мирот.
Овој ден е посветен на светскиот мир, со идеја за отсуство на војна и насилство, овозможување на привремен прекин на огнот во борбените зони за пристап на хуманитарна помош и апел до сите за мирен ден и правење добри дела.
„На овој Меѓународен ден на мирот, дозволете ни да се заложиме да ги учиме нашите деца за вредноста на толеранцијата и меѓусебното почитување. Дозволете ни да инвестираме во училиштата и наставниците кои ќе изградат фер и инклузивен свет кој ја прифаќа различноста. Дозволете ни да се бориме за мирот и да го браниме со сета наша сила“, изјави генералниот секретар на ОН, г. Бан Ки-мун.
Меѓународниот ден на мирот е основан во 1981 година, кога Генералното собрание на Обединетите нации едногласно ја има усвоено Резолуцијата 36/67, со цел промовирање на идеалите на мирот, а 21 септември официјално е избран за одбележување на овој ден во 2001 година.