Среда, 22 септември 2010
Соопштение на Комисијата
На состанокот на Комисијата за миграција, бегалци и население на Парламентарното собрание на Советот на Европа, одржан во Скопје, Република Македонија, Комисијата ги повика владите на европските земји да ги напуштат плановите за враќање на Ромите на Косово додека тоа не биде сигурно и одржливо.
Усвојувајќи го извештајот за “Ромите азиланти во Европа”, Комисијата истакна дека овие Роми се соочуваат со “неоджлива социјална ситуација со мали изгледи за нивна реинтеграција по враќањето, како и со сериозни закани по нивната лична безбедност.”
Околу 100.000 Роми кои избегаа од конфликтот на Косово живеат во други делови на Европа во некоја форма на привремена заштита или се “толерирани”, но Комисијата истакна дека во моментов неколку земји се подготвуваат да депортираат поголем број Роми. На пример, од мај 2010 г. во Германија околу 1000 Роми се соочуваат со враќање на Косово, половината од нив имаат помалку од 18 години.
Комисијата заклучи дека Косово нема ресурси успешно да ги реитнегрира овие луѓе, додавајќи дека околу ¾ од Ромите кои се присилно вратени на Косово се иселиле од своите домови или се вратиле во земјите од кои биле депортирани. “Присилното враќање затоа значи големо страдање на луѓето, но и трошење на значителени економски ресурси”.
За Препораката на Комисијата, врз основа на извештајот на г. Милорад Пуповац (Хрватска, СОЦ), ќе се расправа во седница на Собранието, кое го сочинуваат парламентарци од 46 земји членки на Советот на Европа.
*Терминот Косово, во смисла на територија, институции или население, во овој текст се користи во согласност со Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН, без предрасуди во поглед на статусот на Косово.