Недела, 25 март 2018 година, Женева
Обраќање на претседателот Џафери на 138. Собрание на ИПУ, на генералната дебата на тема „Зацврстување на глобалниот режим за мигранти и бегалци“
Миграциите како појава не се нешто ново, тие се присутни можеби од самиот почеток на човековата цивилизација. Секако дека процесот на глобализацијата влијае овие текови на миграциите да бидат поинтензивни. Така, според податоците, денеска околу 258 милиони луѓе, односно 3,4 проценти од светската популација живеат надвор од државите во кои се родени. Причините за миграција се, исто така, одамна познати. Првата причина е социоекономската, односно потрагата по подобар живот. Вториот тип на миграција се од држави и региони зафатени со воени конфликти, со насилство и непочитување на военото и хуманото право, нефункционирање на правната држава или пак поголеми природни катастрофи, односно кога луѓето се изложени на опасности кои ги загрозуваат нивните животи. Во првиот случај зборуваме за економски мигранти, а во вториот случај зборуваме за бегалци, иако многу често овие две категории меѓу себе се тесно поврзани.