Активности

Петок, 10 јануари 2020

Четириесет и четврта седница на Комисијата за економски прашања

Комисијата за економски прашања, на вчерашната 44. седница, како матично работно тело, во прво читање, разгледа шест Предлог-закони, и тоа:

  1. Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за државната статистика;
  2. Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за електронска трговија;
  3. Предлог-законот за изменување на Законот за таксата за привремен престој;
  4. Предлог-законот за изменување на Законот за угостителската дејност;
  5. Предлог-законот за изменување на Законот за индустриската сопственост;
  6. Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за туристичката дејност.

- Воведно образложение по Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за државната статистика даде заменик-министерката за финансии, Ширет Елези. Таа истакна дека целта е усогласување со новодонесениот Закон за прекршоци со кој се уредува нов систем на утврдување на глоба на сторителите на прекршоци, субјектите кои се одговорни, како и висината на глобата на сторителите-физички и правни лица. Износот на глобата е намален, а воедно постои степенување на нејзината висина во зависност од класифицирањето на трговските друштва утврдено со Законот за трговските друштва.

- Во однос на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за електронска трговија, воведно образложение даде заменик-министерот за економија, Кирил Колемишевски. Тој истакна дека Министерството за економија го подготви овој Предлог-закон во насока на усогласување на прекршочните одредби и санкции со Законот за прекршоци. Целта е подобрување на деловната клима, со воведување конкретни мерки во делот на прекршочната политика со кои се уредува висината на глобите за правните лица и физичките лица во случај на сторени прекршоци. Основните решенија врз основа на кои ќе се применува новата методологија за одмерување на висината на глобите од страна на надлежните инспекциски и прекршочни органи, се утврдени во рамки на членот 26, 30, 36 и 39 од Законот за прекршоците.

- Во воведното образложение по Предлог-законот за изменување на Законот за таксата за привремен престој, заменик-министерот Колемишевски истакна дека со усогласување на одредбите од Законот за таксата за привремен престој во кои се пропишани прекршочни санкции со истите пропишани од Законот за прекршоците, ќе се овозможи намалување на висината на глобите преку утврдување на соодветни рамки на износот на глобите за сторен прекршок, во зависност од тоа дали станува збор за микро, мал, среден или голем трговец.

- Во врска со Предлог-законот за изменување на Законот за угостителската дејност, Колемишевски истакна дека предложените измени се направени во  согласност со  член 192 став 1 од Законот за прекршоците. Усогласувањето на одредбите од законот за угостителската дејност во кои се пропишани прекршочни санкции, со истите пропишани од Законот за прекршоците, ќе овозможи намалување на висината на глобите преку утврдување на соодветни рамки на износот на глобите за сторен  прекршок, во зависност од тоа дали станува збор за микро, мал, среден или голем трговец. Законот чие донесување се предлага, се заснова на истите начела на кои се заснова и основниот текст на законот.

- Што се однесува на Предлог-законот за изменување на Законот за индустриската сопственост, заменик-министерот за економија истакна дека целта е подобрување на деловната клима, преку воведување конкретни мерки во делот на прекршочната политика, со кои значително ќе се намали висината на глобите за правните лица, односно на  физичките лица. Основните решенија врз основа на кои ќе се применува новата методологија за одмерување на висината на глобите од страна на надлежните инспекциски и прекршочни органи, се утврдени во рамки на членот 39 од Законот за прекршоците. Целта на предложените измени и дополнувања е согласно членот 155 од Законот за прекршоци, да се усогласат прекршочните одредби и санкции на Законот за индустриска сопственост со  одредбите од Законот за прекршоците. Законот чие донесување се предлага, се заснова на истите начела на кои се заснова и основниот текст на законот.

- На крајот, во воведното образложение по Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за туристичката дејност, Колемишевски истакна дека предложените измени и дополнувања се усогласуваат со Законот за услуги и Законот за признавање на професионални квалификации во кој е транспонирана директивата за признавање на професионални квалификации 2005/36/ЕУ, како и во согласност со член 192 став 1 од Законот за прекршоците. Усогласувањето на одредбите од законот за туристичката дејност во кои се пропишани прекршочни санкции со истите пропишани од Законот за прекршоците, ќе овозможи намалување на висината на глобите преку утврдување на соодветни рамки на износот на глобите за сторен  прекршок, во зависност од тоа дали станува збор за микро, мал, среден или голем трговец. Законот чие донесување се предлага се заснова на истите начела на кои се заснова и основниот текст на законот.

  • Комисијата со по 6 гласа „за“ заклучи дека сите овие Предлог-закони се прифатливи и треба да се дадат на натамошно читање.
Click