Активности

Вторник, 5 ноември 2019 година

Донесување значајни одлуки пред Самитот во Загреб

Шефот на Делегацијата во Парламентарното собрание на НАТО, Илија Димовски и членот Катерина Кузмановска, како дел од Комитетот за цивилна димензија на одбраната, денес оствари средба во Сенатот на Француската Република со г. Кристијан Камбон, претседател на Комисијата за надворешни работи, одбрана и вооружени сили на Сенатот на Француската Република, г. Филип Ереира, генерален директор за политички и безбедносни прашања во француското МНР, г. Лорен Нунез, државен секретар за внатрешни работи, г. Жан Доминик Џулијани, претседател на Фондацијата Роберт Шуман и г. Жак Рупник, директор на Центарот за истражување на Националната фондација за политички науки.

Од француска страна, беа претставени француските приоритети во надворешната и одбранбената политика, мерките и активностите во однос на спречувањето на терористички напади и раното откривање нв процес на активностите на НАТО за колективна одбрана. Во ера на глобализација,во свет кој демографски, економски се менува, во свет на напредна технологија, сојузниците потребно е соодветно да се прилагодат на новите предизвици и да одговорат на сите форми на национализам кои водат кон дестабилизација. Република Северна Македонија беше поздравена како земја која скоро треба да се приклучи кон Алијансата, благодарение на преземените чекори во изминатите години.

Пратеничката Катерина Кузмановска изрази благодарност за брзата ратификација во францускиот Сенат, со очекување за брза одлука и во Националното собрание. Таа изрази надеж, имајќи ги предвид минатите искуства и безбедносните предизвици во регионот, дека на пролет ќе се донесе одлука за почеток на преговори за членство во ЕУ, бидејќи интересите на НАТО и ЕУ за стабилност и безбедност се меѓусебно поврзани и дека тие процеси треба да бидат комплементарни за Република Северна Македонија. Продолжуваме со реформите, бидејќи Европа е нашата единствена перспектива, да превенираме ретроградни процеси и да најдеме внатрешна сила за реформите во клучните области како борбата против корупцијата, владеењето на правото и економијата, заклучи Кузмановска.

Француските претставници го повторија ставот од состанокот на Европскиот совет дека балканските земји се европски земји и дека и покрај актуелните реформи за функционирањето на Унијата, очекуваат донесување на значајни одлуки пред Самитот во Загреб следната година.

Во текот на следните денови, делегацијата ќе оствари средби со г-ѓа Дуња Мијатовиќ, комесар за човекови права на Советот на Европа, г-ѓа Лилиан Маури Паские, претседател на Парламентарното собрание на Советот на Европа, Марија Пејчиновиќ Буриќ, генерален секретар на Советот на Европа и претставници на Европскиот суд за човекови права во Стразбур.  

Click