Активности

Среда, 9 октомври 2019 година

Jакнењето на регионалната соработка претставува една од круцијалните заложби на земјите од Регионот и клучен фактор

Пратениците Трајчо Димков, Мирсада Емини-Асани, Павлинче Честојнова и Мери Лазарова, како членови на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот и Комисијата за еднакви можности на жените, учествуваа на годишната Регионална парламентарна конференција „Јакнење на регионалната соработка и надзор на човековите права и родовата легислатива во Западен Балкан“, која се одржa на 7 и 8 октомври 2019 година, во Подгорица, Црна Гора.

Организатор на средбата беше Вестминстер фондацијата за демократија од Лондон, Обединетото Кралство и ХУГЕН (Мрежата на комисии за човекови права и родова еднаквост на Западен Балкан).

Целта на оваа конфренција беше преку имплементација на регионалниот проект да се основа Мрежата на комисии за човекови права и родова еднаквост на Западен Балкан, која ќе ја зајакне параламентарната соработка во Регионот и ќе придонесе во процесите на јакнење на надзорната улога и капацитете на парламентите.

На работилницата, покрај пратениците од Собранието на Република Северна Македонија, учествуваа и пратеници од Комисиите за човекови права и родова еднаквост од земјите од Западен Балкан, како и експерти од овие области, кои вршат надзор и контрола на законодавството од Обединетото Кралство и Западен Балкан.

Оваа Конференција го означи формалниот старт на Мрежата. Воведни обраќања на конференцијата имаа Генци Ниманбегу, потпретседател на Парламентот на Црна Гора, Емил Атанасовски, директор на ВФД за Западен Балкан и Нада Дробњак, претседателка на Комисијата за родова еднаквост на Парламентот на Црна Гора. 

На Конференцијата беше преставен Генералниот акциски план за работа на Мрежата. Експерти од областа на човековите права и родовата еднаквост од Велика Британија споделија меѓународни искуства од овие области.

Во рамки на Конференцијата беше презентирана Регионална студија за работата на Комисиите за човекови права на Западен Балкан.

На панел-дискусијата на тема „Важноста на регионалната соработка во областа на човековите права и родовата еднаквост во Западен Балкан" говореше пратеникот Трајчо Димков. Тој истакна дека јакнењето на регионалната соработка претставува една од круцијалните заложби на земјите од Регионот и клучен фактор. Регионалната соработка не може директно да нѐ внесе во ЕУ, но може да придонесе за побрзо етаблирање на земјата и Регионот, за интензивирање на парламентарната соработка и за промовирање на пратениците во двигатели на состојбите во областа на човековите права и слободи. Тој даде осврт и на работата на Комитетот за односи меѓу заедниците, Клубот на пратенички, Клубот за младински прашања, Интерпартиските парламентарни групи за лицата со посебни потреби, ЛГБТИ лицата и за Ромите.

Во текот на дискусиите учесниците се фокусираа на приоритетните теми за идното делување. Посебен акцент во работата ќе биде ставен на постлегислативниот надзор, за што веќе е планирана обука за пратеници и стручната служба, идниот месец во Белград.

Click