Активности

Петок, 24 јануари 2020

Јавна расправа за проблемите на повратниците од ЕУ земјите согласно реадмисионите договори

Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, на денешната 14. Седница, одржа Јавна расправа на тема: Проблемите на повратниците од земјите на Европската Унија согласно реадмисионите договори.

Јавната расправа ја отвори претседателот на Постојаната анкетна комисија, Фадил Зендели, кој истакна дека согласно Договорот за реадмисија што Република Македонија го има склучено со Европската Унија, а врз основа на чл. 76.2 од Спогодбата за стабилизација и асоцијација, нашата земја има обврска да ги презема сите лица кои не ги исполнуваат или повеќе не ги исполнуваат законските услови за присуство или престој во земја членка на ЕУ доколку таа земја испрати апликација/барање за реадмисија согласно Анекс 6 од Договорот за реадмисија. Тој посочи дека вкупниот број на присилно вратени македонски граѓани согласно реадмисионите договори во периодот од 2015 до 2018 година изнесува 9.053. Засега, бројот на доброволно вратените граѓани е непознат поради недостаток на механизам за нивна евиденција, т.е регистрирање. Владата на РМ во јануари 2010 година ја донесе Програмата за поддршка при реинтеграција на повратници во РМ согласно реадмисионите договори.

Музафер Бајрам, министер без ресор задолжен за имплементација на Стратегијата за подобрување на состојбата на Ромите, истакна дека прашањето за повратниците и договорот за реадмисија се предмет на секој извештај од Европската комисија за напредокот на нашата земја во процесот на пристапување во Европската Унија содржано во Поглавјето 24, правда, слобода и еднаквост. Оттука, според него, ова прашање има двојно значење, од една страна е важно за исполнувањето на критериумите за членство во ЕУ,  но од друга страна е значајно за нашите граѓани кои по враќањето во земјата се среќаваат со низа проблеми за нивна реинтеграција во општеството. Министерот потенцираше дека решавањето на ова прашање е приоритет и на Владата на Република Северна Македонија. Тој побара преку еден сериозен и одговорен пристап и вклучување на сите релевантни пратнери да се изнајде системско решение.

Малинка Ристевска-Јорданова од Институтот за европска политика, информираше дека повеќе години наназад организацијата го истражува прашањето со повратниците и нагласи дека имаат спроведено и многу теренски истражувања, како и интервјуа со фокус групи од сите регизони во земјата. Последните наоди од овие истражувања покажуват дека економско-социјалните причини се одлучувачки за заминување од земјава и овие луѓе не гледаат излез од сиромаштијата во која живеат. Во своето излагање, таа се осврна и на причините за нивното враќање, како и на нивниот прием назад во земјата. Повратниците се среќаваат со различни проблеми, како прекин во осигурувањето, образованието, вработувањето. Таа посочи дека постои недостаток на доверба кон истутициите мултиплицирана со нееднаквиот пристап.

Снежана Трајановска - началничка на Единицата за странци и реадмисија при Одделот за гранични работи и миграции на Министерство за внатрешни работи, ги информираше присутните за состојбата се реадмисијата. Имено Република Северна Македонија досега има склучено 25 спогодби за реадмисија, вклучително и со ЕУ, која е задолжителна и ги опфаќа сите земји членки, а постојат и 8 посебни протоколи со земји од ЕУ за реализирање на предметната спогодба и повеќе протоколи врз основа на билатералните спогодби со други земји. Таа даде и кус осврт на надлежностите на Министерството во овој поглед и ги сподели досегашните искуства и согледувања во спроведувањето на овие постапки.

Дејан Ивковски - раководител на Одделението за миграција, интеграција на бегалци и странци и хуманитарна помош на Министерство за труд и социјална политика, рече дека документот донесен во 2010 година бил интерсекторски, подготвуван во соработка со повеќе институции, поддржан од Меѓународната организација за миграции и во консултации со професорската фела, а истиот придонел за системски пристап кон оваа категорија на граѓани. Според него, пристапот до правата е загарантаран со домашното законодавство и оттука не можете едни граѓани да ги ставите во поповолна положба од другите, ако се наоѓаат во ист социјален ризик. Но, тој се согласи дека се потребни дополнителни активности за решавање на ова прашање, а посочи и на активностите што државата ги презема согласно последните реформи во системот на социјална заштита.

Во дискусијата се вклучија пратениците Самка Ибраимоски, Трајчо Димков, Рубин Земон и Амди Бајрам, како и Зоран Дранговски од Македонското здружение на млади правници, Вања Мирковски од ИОМ, Мухамед Точи од Месечина и Љатифе Шиковка од НВО Амбрела.

По дискусијата беа донесени следните заклучоци:

  • Промовирање на политики и координација на националните институции;
  • Активна политика за реинтеграција за повратниците, како и владин надзор за спроведување на политиките;
  • Подобрување на приемот на повратниците;
  • Овозможување пристап до социјални, здравствени и образовни права; 
  • Подобрување на социјалната положба на повратниците со цел задржување на граѓаните во земјата;
  • Периодично Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот ќе бара информации од Владата и сите надлежни инстутиции за спроведувањето на документите и законските обврски што ги имаме по однос на ова прашање.
Click