Активности

Петок, 22 ноември 2019 

Обраќање на претседателот Џафери, по повод културно – научната манифестација „Денови на Азбуката“

Почитуван директор на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците, г. Асани,  
Почитуван директор на Македонски пошти на Република Северна Македонија, г. Рустеми,  
Почитуван амбасадор Тимоние,Почитувани претставници на домашните и странските локални власти,  
Дами и господа, 

Дозволете ми да го изразам задоволството што го имам денес, кога ја славиме 111-годишнината од Битолскиот конгрес и унифицирањето на албанската азбука, да ве поздравам во својство на претседател на Собранието на Република Северна Македонија и во име на моите колеги пратеници да ја искористам оваа можност да го честитам најважниот ден во историјата на политичкиот и културниот развој на Албанците, бидејќи одлуките од овој конгрес претставуваат еден од столбовите што помогнаа во издигнувањето за едно скалило повисоко на албанската култура и образование, но и понатамошното консолидирање во насока на развојот и напредокот на Албанците, со јасно избирање на ориентацијата и насоката што ќе ја следат во иднина. И овој чекор, колку и да изгледа скромен за старите светски цивилизации, сепак претставува придонес и во целокупниот развој на човештвото. 

Во оваа прилика, би сакал да му честитам на раководството на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците, за нивната неуморна работа и за вредниот придонес што тие го даваат во насока на збогатување на културното и историското наследство на Албанците во овој дел на Балканот, чувајќи ги, негувајќи ги и промовирајќи ги вредностите од минатото и вредностите што ќе се создадат во иднина во насока на проширување на хоризонтот на делување. За поздравување е обемот и разновидноста на активностите што ги развива овој институт, се разбира секогаш во соработка со локалните институти, организации и академски институции од земјата и од странство, но над сè, научната и академската работа што трудољубиво се спроведува. Од големо значење е и почитта што се укажува по повод оваа неколкудневна манифестација на поранешниот американски претседател Вудро Вилсон шие што име го носи и оваа сала, за неговиот прагматичен придонес, меѓутоа дипломатски и пред се визионерски. Вчера се откри неговата биста пред објектот на Општина Чаир, а денес, се промовира поштенска марка со неговиот лик, и ова е знак дека истакнатите фигури кои оставиле траги во историјата на развојот, растот и опстојувањето на човештвото, имаат посебно место и никогаш нема да се заборават.

Дами и господа, 

Дозволете ми да го споделам со вас чувството на гордост што го чувствувам во однос на воспоставувањето на државната награда „22 Ноември“ за признание кон луѓето од политичкиот, културниот и социјалниот живот во Република Северна Македонија, кои придонеле во унапредувањето на меѓучовечкиот соживот и взаемното разбирање помеѓу припадниците на различните заедници, култури и религии во земјата и што оваа година, оваа награда оди во рацете на почитуваниот научник, историчар и хуманист Давид Хосафлок и на просветните ветерани, Кимете и Аднан Агаи. Но, секако, мојата висока почит му припаѓа и на американскиот претседател Вилсон, чие име го носи и оваа сала, за неговиот прагматичен, но дипломатски и, пред сè, визионерски придонес.    

Почитувани пријатели, 

Секако, овој интелектуален подем на Албанците почива врз темелите што ги поставија албанските интелектуалци и преродбениците од Здружението „Башкими“ собрани од сите страни на светот во Битола на Кирјази, чија волја и визија и посветеност резултираше со најскапоцениот производ за животот и светлата иднина на еден народ, односно со унифицирана азбука која стана средство за писмена комуникација меѓу сите Албанци, но и стандардизиран јазик кој што е преведен и продолжува да се преведува на сите светски јазици. Со ова, продолжува животниот век на еден народ, односно неговата вредност и тежина. Исто така, со неуморната работа на институциите сме посреќни сите ние и јас посакувам вашата работа секогаш да жнее поголеми и повисоки успеси. 

Уште еднаш, честит 22 Ноември и благодарам на вниманието!